[Фото] По 6 години и над 21 милиони евра, конечно презентирани новите собраниски простории

Три парламентарни состави поминаа низ изведувањето на сите градежни зафати на и во објектот на Собранието на Република Македонија. По шест години реконструкција, надградба и доградба на законодавниот дом, вчера конечно и официјално беа презентирани новите простории.

Целиот проект првично беше планиран да чини 10,5 милиони евра. Сепак, за некогаш заштитениот објект-споменик на културата беше потрешена сума од 21,4 милиони евра.

Меѓу другото, собраниската зграда доби голема конгресна сала. Таа се планира и за приеми и меѓународни конференции, а е сместена под големата купола, со дијаметар од 32 метри и височина од 10 метри. Обложена е со златеста боја и застаклени мотиви по замислата на архитектот Вангел Божиновски, кој јавноста го знае и како автор на Спомен-куќата на Мајка Тереза.

Sobranie vnatresen del

Собранието има и 100 простории наменети за канцелариите на народните избраници, кои во целиот „процес на обнова“ си добија и таблети од по 730 евра. Пратениците ќе имаат и фитнес-сала, сместена во сутеренските простории од десната страна на главниот влез.

Исто така, изградени се и шест сали за седници на комисиите кои ќе бидат опремени со по две простории за преведувачите и соба за техника. Овие собраниските тела сега ќе имаат вкупно 10 простории на располагање.

„На идните генерации им оставаме објект со површина поголема од 18.000 метри квадратни во кој верувам ќе се реализираат безброј значајни проекти за нашата земја. Опремен со најсовремена технологија, со изградени нови простории за работа на службата, на новинарите и на пратениците, како и со реконструирање на постојните простории, македонскиот парламент со гордост ќе ги прима сите добронамерници, како и сите следни претставници на граѓаните на Република Македонија“, рече собранискиот претседател Трајко Вељаноски на свеченоста по повод отворањето на големата сала на Парламентот, а за време на одбележување на 75-годишнината од македонското народно востание.

Според Вељаноски, се работи за најсложен и најобемен зафат откако е изграден објектот во 1938 година.

Инаку, со сите зафати, особено со изградбата на трите куполи, Собранието е дел од „Скопје 2014“. Всушност, идејата за реконструкција и наградба на Парламентот е првиот започнат зафат од овој владин проект кој, пак, од првично најавените 80 досега стигна над 640 милиони евра, а од најавените 40-ина споменици дојде до бројка од над 130.

Б.Ш.