[Фото] Отстранетите слики од „забранетата“ изложба во Тетово

„Го гледам Тетово како урбан град со ефикасна инфраструктура“, е пораката која стои на фотографијата од градскиот сообраќаен хаос. „Ветувам дека за 4 години Тетово ќе сјае“, врз фотографија на купишта ѓубре околу контејнери. „Го гледам Тетово како град со чиста животна средина“, врз фотографија на градежен шут.

Вкупно 24 вакви фотографии од сообраќаен, урбанистички и еколошки хаос низ Тетово, проследени со сосема спротивни, оптимистични пораки од изборната програма на градоначалничката Теута Арифи беа дел од уметничката инсталација во центарот на градот, која, набрзо по изложувањето, според активистите, била отстранета и уништена од претставници на општината.

Преку уметничката инсталација, активистите сакаа да потсетат на нереализираните ветувања на Општина Тетово, а фотографиите ги објавија на социјалните мрежи под наслов: „Забранетите слики од Општина Тетово“.