Отстранета изложба на активисти за нереализираните предизборни ветувања во Тетово

Центарот ЛОЈА, граѓанските активисти #Трансформатори и невладината „Екогерила“ вчера поставија три уметнички инсталации со фотографии во Тетово со кои потсетија на нереализираните предизборни ветувања на Општината. Но, половина час по поставувањето на изложбата, неколку луѓе, со службен автомобил од Општина Тетово целосно ја уништиле и ја отстраниле изложбата, соопштија граѓанските здруженија.

Тие реагираат дека со овој скандалозен чин, сериозно се кршат човековите права и слободата на изразување.

„Сè додека нашата држава има цел членство во НАТО и ЕУ, функционирањето на владеењето на правото во Тетово не го докажува тоа. Ги повикуваме премиерот, медиумите и дипломатскиот кор да извршат притисок врз Општина Тетово да ги почитува Уставот и правата на граѓаните за слобода на изразување“, стои во нивната реакција.

По настанот реагираше и Хелсиншкиот комитет за човекови права од каде посочуваат дека со попречувањето на правото на мирен протест, како и противзаконското користење на службен автомобил од Општината Тетово, се прекршува Уставот, Законот за јавни собири и релевантните меѓународни стандарди.

„Хелсиншкиот комитет за човекови права веднаш ќе покрене постапка заради утврдување на околностите во случајот, при што ќе бара преземање конкретни мерки од страна на Општина Тетово со цел утврдување на одговорност во најбрз можен рок. Дополнително, од страна на надлежните структури во МВР ќе биде побарано да се преземат неопходните мерки и активности. Ваквиот вандализам, спроведен од општинските власти во Тетово за време на прикажувањето три инсталации кои ја користат уметноста како форма на протест, наликува на враќање на режимските практики на постапување од страна на властите во државата на начин кој е во целосна спротивност со вредностите и принципите кои тие треба да ги застапуваат“, се вели во реакцијата на Хелсиншки.

Оттаму очекуваат Општина Тетово и МВР да се расчисти инцидентот и веднаш да ја утврдат одговорноста на сите лица инволвирани во настанот.

Здруженијата, пак, се надеваат дека одземените остатоци од изложбата ќе послужат да ги потсети општинските власти за нереализираните ветувања.