Нуркачкиот клуб „Амфора“ и „Скопско“ од 1 до 4 октомври организираа акција за чистење на Охридското езеро. Фокусот на акцијата беше вадење на заостанати рибарски мрежи ((познати како „мрежи духови“) од четири клучни локации на дното на езерото.
„Резултатите од втората нуркачка акција покажуваат дека од дното на езерото се отстранети вкупно 3.856 метри мрежа, а истите
беа презентирани во Хидробиолошкиот завод во Охрид. Во акцијата учествуваа 4 нуркачи, во 98 изведени нуркања со вкупно време на нуркање од 73ч 38 мин“, велат од „Скопско“.
Мрежите духови се напуштени, изгубени или оставени рибарски мрежи кои продолжуваат да ловат риби, птици и други организми, овие мрежи претставуваат значителна закана за кревките екосистеми на Охридското Езеро. Редовните акции за чистење се клучни за спречување на акумулацијата на мрежи духови. Ако овие мрежи не се отстрануваат редовно, последиците можат да бидат сериозни намалувајќи ги рибните популации и предизвикувајќи долгорочна штета на биодиверзитетот и локалната економија.
„Горди сме што сме дел од оваа иницијатива, која има за цел да го зачува Охридското Езеро и неговите ендемски видови. Со заеднички сили успеавме да отстраниме значителен дел од „мрежите духови“ кои претставуваа закана за живиот свет во езерото.
Ова е важен чекор кон обновување на подводниот екосистем,“ изјави Јован Секулоски од нуркачкиот клуб Амфора.
„’Скопско’ се стреми да направи значителни промени во начинот на кој се грижиме за нашите природни ресурси. Охридското Езеро е наше национално богатство, и нашата цел е да го зачуваме чисто и безбедно за идните генерации,“ рече Марта Завкова, сениор бренд менаџер за „Скопско“ во Пивара Скопје.
Втората нуркачка акција за чистење на Охридското Езеро е организирана од „Скопско“ во рамките на платформата „Наша Гордост. Наша Одговорност.“