[Фото] Општина Центар отстранува импровизирана градба од ресторан на Водно

Општина Центар денеска продолжи со акцијата за отстранување на нелегални објекти на нејзината територија, односно, денеска почнаа со присилно административно извршување и отстранување на импровизирана градба од ресторан на Водно, откако инвеститорот „Вандербилт Тенис Клуб ДООЕЛ Скопје“ не постапил по издаденото решение, информираат оттаму.

„Со денешната активност е опфатено отстранување на ресторан на улица „Славејко Арсов“ бб, со пропратни објекти – санитарен јазол и шанк со димензии 19,20 м х 9,60 метри и 4,50 м х 5,50 метри, изградени од челична конструкција и греди, објекти во градба за што градителот не поседувал соодветна одобрена документација во согласност со членот 137 став 4 од Законот за градење“, стои во соопштението на општината.

Акцијата за отстранување на дивоградбите продолжува и во наредниот период, децидни се од општината, додавајќи дека во акцијата се опфатени 18 нелегално поставени и изградени објекти.

„Општина Центар и градоначалникот Саша Богдановиќ повторно упатуваат апел до инвеститорите и сопствениците на нелегално поставените објекти, согласно издадените решенија сами да постапат и да ги отстранат објектите во законски предвидениот рок. Во спротивно, општината со механизација присилно ќе ги отстрани, а трошоците за отстранување ќе паднат на товар на инвестиорите, односно сопствениците на објектите“, додаваат оттаму.

Во текот на вчерашниот ден се отстрануваше и терасата од гостилницата „Аманет“ која се наоѓа во зградата „Емануел Чучков“.

Локалните власти рекоа дека откако инвеститорот не постапил по законски издаденото решение за самостојно отстранување на дивоградбата, па така, инспекциските служби пристапиле кон присилно административно извршување. Од „Аманет“ пак тврдеа дека терасата била законски поставена.

[Фото] Центар ја отстранува терасата на „Аманет“, ресторанот тврди дека била законски поставена