[Фото] „ОЈО се прави на три и пол“ – нова герила акција за случајот „Јавна соба“

Додека јавните обвинители пристигнуваа на работа, на влезната врата на Основното јавно обвинителство (ОЈО) ги пречекаа кутии кои симулираа доказен материјал за случајот „Јавна соба“, информираа од организацијата „Еквалис“.

Вака изгледаше новата герила акција насловена „ОЈО се прави на три и пол“, за која од „Еквалис“ велат дека е со цел да им посочи на јавните обвинители дека постои доволен доказен материјал во случајот „Јавна соба“, но и дека непостапувањето, како што додаваат, е соучество во кривичното дело.

 

Утрово, додека јавните обвинители пристигнуваа на работа, на влезната врата на Основното Јавното Обвинителство (ОЈО) ги…

Posted by Association for Educational Development – Ekvalis / Еквалис on Friday, March 5, 2021

„Иако првичната група на ‘Јавна соба’ е затворена, во меѓувреме е отворена и нова група ‘Јавна соба 2021’, каде што, повторно, се сторени повеќе кривични дела“, се додава во нивната објава.

Оттаму во меѓувреме посочуваат и на барањата кои Платформата за родова еднаквост ги испратила до јавниот обвинител и претседателот на Советот на јавни обвинители со кои побара итно и безусловно постапување по кривични дела од овој случај.

„Kривичен прогон на сторителите од случајот ‘Јавна соба’ и за полнолетните жртви во случајот, а не само за делото ‘производство и дистрибуција на детска порнографија’, обвинителни акти против сторителите од ‘Јавна соба’ за делата ‘злоупотреба на лични податоци’, ‘посредување во вршење проституција’, ‘загрозување на безбедноста’ или ‘ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем’, зависно од околностите на случајот, доследно, квалитетно и навремено спроведување на предистражни и инстражни постапки во случаите на насилство врз жени“, стои во дел од барањата на Платформата.

Истовремено, тие бараат и засилена контрола над работата на обвинителите во случајот и изрекување санкции согласно закон, започнување на процес на засилена контрола над работата на обвинителите кои работат на постапки на насилство врз жени, како и донесување, фактична и доследна примена на внатрешни акти со кои ќе се прецизираат обврските и начинот на постапување на јавните обвинители во случаите на родово-заснованото насилство.

Активистки на „Еквалис“ вчера пак, организираа герила акција пред Министерството за внатрешни работи каде ги прикажаа пораките кои циркулираат во групите како „Јавна соба“. Оттаму, исто така порачаа дека случајот претставува кривично дело.

Случајот првично и стана познат на јавноста минатата година, а повторно се актуелизираше во јануари, годинава, откако една од девојките чија фотографија се најде во една од групите насловени „Јавна соба“, преку видеоснимка и се обрати на јавноста.

[Фото] Герила пред МВР – Активистки ги прикажаа пораките од „Јавна соба“