[Фото] Новинари од МПМ втор ден на групна пауза, чекаат менаџментот да им исплати плата

Десетици новинари од дневните весници „Вест“, „Дневник“, „Утрински весник“ и „Македонски спорт“, кои се дел од „Медија Принт Македонија“, и денес го искористија своето право на пауза од 30 минути за да го изразат незадоволството од односот на компанијата.

Групната пауза ја започнаа точно напладне, на паркингот кај „Зебра“, каде можеа да поразговараат за проблемите со кои секојдневно се соочуваат на работа. Но, официјален став или реакција од МПМ за нивните барања се уште нема, иако како што тврдат новинарите, било договорено професионално да си ги извршуваат обврските, а менаџментот да им ги исплаќа платите најдоцна до 15-ти во месецот.

По своето право на пауза, новинарите се вратија на работното место.

Претседателката на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), Тамара Чаусидис, потенцира дека во случајот со вработените на МПМ станува збор за манифестација на револт која, како што вели, во ССНМ сосема ја разбираат.

„Според зборовите на нашите членови она што најмногу ги иритира и навредува е арогантниот и игнорантски однос на менаџментот кон вработените кон носителите на основната дејноста на медиумот. Синдикалните претставници во понеделникот испратија писмо со барање за средба со менаџментот заради повторното доцнење на плати, но одговор, според нашите сознанија до моментов нема. Молчењето остава простор за зголемување на стравувањата и шпекулациите за иднината на изданијата на МПМ и иднината на секој од вработените. Оттаму, сосема е разбирлива реакцијата и нетрпението на вработените кои во континуитет со месеци се ставени во ситуација да преговараат, чекаат и практично молат за елементарните права кои им следуваат по закон“, вели Чаусидис за Радио МОФ.

Б.Ш.