[Фото] Нова вечер, нов протестен молк во Струмица против рудникот Иловица-Штука

„Рудник – преку нас мртви“, „Кој управува со Управен?“, „Здравата природа, а не парите е нашето богатство“, „Размисли со својот ум“, „Бирам живот, не смрт – стоп за рудници на смртта“ се дел од пораките кои синоќа повторно беа истакнати на плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица, каде актерот и активист Стојан Велков Трн заедно со истомисленици веќе скоро една недела одржуваат протестен молк.

Со ваквиот перформативен протестен акт, активистите сакаат да го искажат својот револт против изградба на рудникот Иловица-Штука.

Стојан Велков Трн претходно најави дека секоја вечер после 20:30 часот, со транспарент и залепена уста, ќе протестира против нерешавањето на прашањето со рудникот, откако Управниот суд ја поништи одлуката на Второстепената комисија за одбивање на дозволата за работа на концесионерот „Еуромакс“.

По повикот, на Велков постојано му се приклучуваат поддржувачи со свои транспаренти, одржувајќи физичка дистанца.

Паралелно, пак, „Здрава котлина“ изминатиов период побараа објаснување од државата зошто се уште ја нема обжалено пресудата на Управниот суд, објавија разни документи, а поднесоа и жалба до Вишиот Управен суд.

Фото: Митко Гогов