Протестен молк на активистот Стојан Велков во Струмица против рудникот Иловица-Штука

Со транспарент и залепена уста, активистот Стојан Велков вечерва застана на градскиот плоштад „Гоце Делчев“ во Струмица искажувајќи го својот револт против изградбата на рудникот Иловица-Штука.

Своето лично незадоволство, најави тој, ќе го прави секој ден од 20-21 часот со различен слоган во раце. Во својата објава на Фејсбук тој напиша дека овој чин е негов личен крик против како што вели, нерешавањето на прашањето со рудникот. Активистот порача дека неговата акција нема политички цели и кампањи.

„Со овој чин изразувам гнев од нефункционалноста на сите чинители во овој процес. Ова ќе биде мој личен бунт против сите чворови кои ги ствараат политичките чинители кои, и покрај сите правни и еколошки недоследности за сулудиот потенцијален проект рудникот за злато и бакар „Иловица и Штука“, не најдоа за сходно да стават точка и да го решат еднаш засекогаш тоа прашање“, напиша Велков. 

Нему му се приклучија уште неколку активисти кои дојдоа со свои транспаренти, одржувајќи социјална дистанца.

Денеска, пак, од Здрава котлина побараа објаснување од државата зошто се уште ја нема обжалено пресудата на Управниот суд во врска со рудникот. Со неа, се поништува решението на Второстепената комисија за одлуката на Министерството за економија за одбивање на издавање на дозвола за експлоатација на концесионерот „Еуромакс Ресурси“. Тие се сомневаат дека никој досега не направил жалба, ниту пак планира да достави жалба до Виш управен суд.