[Фото] Нов протест со тенџериња и „бомби“ пред домот на Груевски

Со тенџериња, капаци, лажици во раце, како и со по некој тапан, поголем број граѓани организирани од  коалицијата „Граѓаните за Македонија“ повторно се собраа пред домот премиерот Никола Груевски и правејќи силна бучава побараа негова оставка.

Пред домот на Груевски доцна попладнево се пуштаа и извадоци од опозициските „бомби“, а насобраните скандираа „Николче диктаторче“ и „Оставка“.

„Груевски направи приватна држава со неговата партија и неговиот братучед. 45000 луѓе си заминаа поради неговата штета. Николче, немој да дозволиш да се разбие гневот по улиците по бомбите. Дади си отказ. Ние не прифаќаме ништо ако си премиер“, порача активистот Џељо Хоџиќ.

Оставка од Груевски со говор пред присутните побара и активистката Билјана Бејкова.

„Девет години ја пустошиш Македонија, сеете страв , не делите, не затворате, не етикетирате, па и не убивате. Твоите девет години се нашите девет круга во пеколот. Ние сме тука, дојдовме и ќе доаѓаме да ти кажеме дека ти нема спас“, додаде Бејкова.

Присутните побараа преодна Влада за како што велат „доброто на Република Македонија“. За време на протестот зградата на премиерот ја чуваше силно полициско обезбедување.

Ова е втор ваков протест пред домот на Груевски каде со заглушувачка бучава од стотици тенџериња, тави, други метални предмети и пластични свирки, граѓаните бараат премиерот да си даде оставка од функцијата.