[Фото] Машинерија почна да гради објект кај ОУ „Браќа Миладиновци“ во Аеродром

Откако во април граѓани реагираа дека се исекоа дрвјата, сега забележаа како покрај улицата „23 Октомври“ во општина Аеродром работници поставија тараби, а теренот се спрема за нова градба.

Ова се случува во населбата Острово до основното училиште „Браќа Миладиновци“, кај стара „Славија“. Напомош за градежните активности пристигнаа камион и багер, а поставена е и градежна табла.

Според ДУП за градска четврт И10, се работи за парцелата 3.3, која е вид А2 (станбено домување). Таа е со градежна површина од 1269 м2 и овозможува зграда од осум ката плус поткровје.

Ако се погледне Катастарот, делот од 3.3 со стара „Славија“ се води како парцела број 242/2. Имотниот лист е на Друштво за производстсво, трговија и услуги САФ Комерц Увоз-Извоз Скопје.

Тоа го потврдува и градежната табла, каде „САФ Комерц“ е впишан како инвеститор, „Мујо Бајрами“ е изведувач, а проектант – „ГМС-Проект“. Одобрението за градба од Општина Аеродром е издадено на 30 октомври, 2019 година.

По реакциите на локалните граѓани, Општина Аеродром во април тврдеше дека дрвјата на истата локација мораат да бидат тргнати, бидејќи по ланското невреме претставувале потенцијална опасност за безбедноста.

Радио МОФ испрати прашања до Општина Аеродром за дозволата за градба и градежните активности, но до објавувањето на текстот нема одговор.

Инаку, во овој дел долги години имаше чешмичка, патче, зеленило и дрвја. Еден сегмент беше во парцелата што сега се гради (3.3), а другото во парцелата до неа (3.5), која во ДУП се води како Д1 (намена зеленило). Според Катастар, вторава е поврзана со поголем сегмент кон Вардар под парцела 253/1. Се води како државно земјиште. Во неа нема работници и багери.

ДУП за градска четврт И10; Заокружен е делот на парцелите 3.3 и 3.5, градежната локација и зеленилото до неа

ДУП И10 е спорниот план кој неколку години наназад ги револтираше аеродромци поради предвидените објекти крај Вардар, но и зградата на „ЗСФ Ком“ кај Мајчин дом. Планот поттикна повеќе протести низ 2016, 2017 и 2018 година. Граѓаните бараа зеленило, воздух, одржлива средина и квалитетен живот наспроти најавената урбанизација преку ДУП-от, донесен со тензични презентации и расправии во Советот.

Кај Мајчин дом веќе е подигнат спорниот објект, исто и во Острово до мостот кај Вардар, претходно со маркички во ДУП И10.

Планот беше усвоен пред крајот на мандатот на екс градоначалникот Ивица Коневски. На сегашниот градоначалник Златко Марин, тогашен опозиционер, еден од главните адути на локалните избори му беше токму овој ДУП и спротиставување на урбанизацијата.

Бојан Шашевски