[Фото] Исечени дрвја во Аеродром, општината вели дека се опасни за околината

Во населбата Острово во општина Аеродром вчера работници со машинерија сечеа големи дрвја покрај улицата „23 Октомври“.

Од иницијативата Сакаме Аеродром да дише објавија фотографии и видео, реагирајќи дека се сечат здрави дрвја, штотуку раззеленети од пролетта.

„Во Острово, близу основното училиште ‘Браќа Миладиновци’, против волјата на Аеродромци и Скопјани, беа исечени здрави дрвја!“, реагираа од иницијативата.

Радио МОФ ја контактираше Општина Аеродром за да праша што точно се работи на локацијата. Односно, дали можеби теренот се расчитува за изградба на станбен објект и дали веќе има издадено Одобренение за градба, согласно можностите на ДУП-от, но од Аеродром единствено велат дека „станува збор за дрвја што мораа да бидат отстранети зашто претставуваа потенцијална опасност за безбедноста“.

„Имено, поголемиот дел од овие дрвја уште ланската година беа погодени од големото невреме што уништи голем број возила и покриви во Општина Аеродром. Дрвјата покрај улицата ‘23 Октомври’ ги исече Град Скопје преку своето претпријатие ЈП ‘Паркови и зеленило’ по барање на граѓани на Општина Аеродром“, велат од општината.

Не вратија информација колку точно дрвја се исечени.

Согласно ДУП за градска четврт И10, на овој потег покрај улицата се распоредени парцелите 3.3 и 3.5. Првата е вид А2 (станбено домување), а втората до неа е Д1 (зеленило). Парцелата 3.3 е со градежна површина од 1269 м2 и овозможува идна зграда од осум ката.

ДУП за градска четврт И10; Заокружен е делот на парцелите 3.3 и 3.5.

Според Катастарот, делот од 3.3 со стара „Славија“ (до ОУ „Браќа Миладиновци“) се води како парцела број 242/2. Имотниот лист е на Друштво за производстсво, трговија и услуги САФ Комерц Увоз-Извоз Скопје.

Другиот дел од зеленилото, пак, според Катастар, е вклучен заедно со поголем сегмент кон Вардар под парцела 253/1. Таа се води како државно земјиште.

Катастарски парцели: лево е 242/2, а десно е целата 253/1, заедно со долниот зелен дел (штицот) каде имаше дрвја

Инаку, ДУП И10 е спорниот план кој неколку години наназад ги револтираше аеродромци поради предвидените објекти крај Вардар, но и зградата на „ЗСФ Ком“ кај Мајчин дом. ДУП-от поттикна повеќе протести низ 2016, 2017 и 2018 година. Граѓаните бараа зеленило, воздух, одржлива средина и квалитетен живот наспроти најавената урбанизација преку ДУП-от, донесен со тензични презентации и расправии во Советот.

Локацијата покрај ОУ „Браќа Миладиновци“

Планот беше усвоен пред крајот на мандатот на екс градоначалникот Ивица Коневски. На сегашниот градоначалник Златко Марин, тогашен опозиционер, еден од главните адути на локалните избори му беше токму овој ДУП и спротиставување на урбанизацијата.


Бојан Шашевски