[Фото] Јавна инсталација во Прилеп „Бегалец сега – човек секогаш“

Во Прилеп денеска беше поставена инсталацијата во јавен простор во рамки на проектот „Бегалец сега – човек секогаш“, кој има за цел подигнување на свеста на јавноста за бегалците, нивните права и потреби.

Дел од активностите на проектот е инсталација која се состои од неколку различни елементи поставенина плоштадот во центарот на Прилеп. Инсталацијата ќе биде изложена пет дена, од 14 до 18 декември, по што  ќе продолжи во Гостивар  (20 до 25 декември), а истата веќе беше изложена во центарот на Скопје од 21 до 25 ноември и Струмица од 1 до 5 декември. Граѓаните ќе можат да ги посетат поставките секој ден од 10 до 16 часот.

Во рамки на проектот се спроведува и обука на млади невработени лица селектирани преку локалните центри за вработување и младинските здруженија во наведените градови. Обуката е на теми човекови права, дискриминација и права на бегалците.

„Околу 40 млади невработени лица по обуката ќе бидат платено ангажирани во проектните активности и со тоа ќе имаат можност да стекнат работно искуство и да ги збогатат своите биографии. Со тоа се продолжува праксата на УНХЦР при помагањето на бегалците во земјава да се вработува локалното население, што е веќе принцип на работа во прифатните центри Винојуг и Табановце“, велат од Центар РЕД од Скопје.

Со овој проект се предвидени и други активности за подигање свесност за бегалците, во кои ќе се вклучат и комерцијални објекти. Дополнително, проектот има за цел да опфати и средношколци од четирите града кои ќе подготват свои мини проекти за своите заедници.

Инаку, проектот е на претставништвото на УНХЦР, Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите Нации, во Скопје, го спроведуваат Центарот за човекови права и разрешување конфликти во соработка со Центарот за истражување, образование и развој – Центар РЕД од Скопје, а е финансиран од Европската Унија.