[Галерија] Во Центар поставена инсталација чија цел е да ја зголеми свесноста за правата на бегалците

Во центарот на Скопје пладнево беше поставена инсталација во јавен простор, која се состои од неколку различни елементи поставени долж ул. „Македонија“ во центарот на Скопје.

Инсталацијата ќе биде изложена пет дена, од 21 до 25 ноември, по што  ќе продолжи во Прилеп (27 ноември до 1 декември), Струмица и Гостивар. Граѓаните ќе можат да ги посетат поставките секој ден од 10 до 16 часот.

Инсталацијата беше поставена во рамки на проектот „Бегалец сега – човек секогаш“, чија цел е подигнување на свеста на јавноста за бегалците, нивните права и потреби.

„Оваа земја досега веќе има покажано што значи да се биде вистински солидарен и хуман кон луѓе што бегаат од војна, без условувања и со отворено срце. Овде живеат хумани луѓе и со една од сериите фотографии која е наречена Солидарност на дело, токму сакаме да им оддадеме почит на сите коишто ги поддржуваат бегалците. Исто така се надеваме дека ќе ги доближиме бегалците и нивното наследство до локалното население. Да останеме луѓе секогаш,“ изјави на поставувањето на инсталацијата Мохамад Ариф, Претставник на УНХЦР Скопје.

Во рамки на проектот се спроведува и обука на млади невработени лица селектирани преку локалните центри за вработување и младинските здруженија во наведените градови. Обуката е на темите човекови права, дискриминација и права на бегалците.Околу 40 млади невработени лица по обуката ќе бидат платено ангажирани во проектните активности и со тоа ќе имаат можност да стекнат работно искуство и да ги збогатат своите биографии. Со тоа се продолжува праксата на УНХЦР при помагањето на бегалците во земјава да се вработува локалното население, што е веќе принцип на работа во прифатните центри Винојуг и Табановце.

Со овој проект се предвидени и други активности за подигање свесност за бегалците, а во него ќе се вклучат и комерцијални објекти. Дополнително, проектот има за цел да опфати и средношколци од четирите града кои ќе подготват свои мини проекти за своите заедници.

1

2

4

5

7

8

9

6