[Фото] Илјадници жени во Полска протестираа против забраната за абортус

Огромен број демонстранти вчера протестираа во 60 градови низ Полска за да се спротивстават на контроверзниот закон кој целосно забранува абортус во државата. Голем дел од нив беа облечени во црно.

Илјадниците демонстранти, во најголем дел католици, се собраа пред владеачката партија во Варшава. Според локалните медиуми, бројот на демонстранти во главниот град изнесувал 20 000.

„Ние сакаме доктори, не мисионери“ и „Излези Јарослав“, извикуваа демонстрантите во Варшава, мислејќи на лидерот на владејачката партија Јарослав Качински.

Пораките кои тие ги испратија беа „Жената не е инкубатор“ и „Мое тело, мој избор“.

„Тие ги кршат нашите граѓански права, затоа сакав да ги поддржам сите жени кои може да бидат повредени, кои може да бидат одбиени за медицинска помош и да бидат приморани да родат дете со попреченост. Јас го правам ова и за мојата ќерка“, изјави Габриела, маркетинг истражувач за Ројтерс.

Таа беше една од многуте кои ја бојкотираа работата. Како што пренесуваат медиумите, протестите предизвикале затворање на ресторани, владини канцеларии, па дури биле откажани предавања на универзитетот.

28-годишната Магдалена Гвоздз додаде: „Ова треба да биде избор на жената и абортусот треба да биде достапен во случај на силување или оштетен фетус. Ова е Европа и ние сме во Европска унија“.

На протестот присуствуваа и огромен број мажи во Варшава, Гдањск, Вроцлав и во останатите градови низ државата. Полските медиуми пренесуваат дека протест се одржал и во Ченстохова, град кој се смета за симбол на католицизмот во државата.

„Сакаме да имаме избор“, извикуваа демонстрантите во Краков.

Протести против забраната на абортусот беа одржани и надвор од Полска. Во Македонија, група активистки се собраа пред Полската амбасада во знак на поддршка за жените кои се спротивставуваат на одлуката на владата.

Собир пред полска амбасада за солидарност со жените од Полска: Безбеден и достапен абортус за сите

На социјалните мрежи, огромен број луѓе се вклучија во поддршката користејќи го хаштагот #CzarnyProtest или во превод „црн протест“. Хаштагот досега бил користен над 70 000 пати само на Инстаграм.

Според предложениот закон, оние кои ја прекинале својата бременост може да добијат затворска казна. Оние кои го поддржуваат законот велат дека со ова сакаат да се намали бројот на абортуси во Полска.

Во меѓувреме, полскиот министер за надворешни работи Витолд Вашчиковски го осуди начинот на кој демонстрантите го изразуваа своето мислење.

„Ние очекуваме сериозна дебата за прашања за животот, смрта и раѓањето. Ние не очекуваме настани, облекување во костими и создавање на вештачки проблеми“, рече тој за Асошијетед Прес.

Жените во Полска ќе одбијат работа, готвење и секс поради новиот закон за абортус