Собир пред полска амбасада за солидарност со жените од Полска: Безбеден и достапен абортус за сите

Транспарентот „#ЦрнПонеделник“ од 15 часот може да се забележи пред полската амбасада во Скопје. Група граѓани, главно облечени во црно, излегоа да се солидаризираат со жените од Полска и да порачаат „Безбеден и достапен абортус за сите!“.

Ваквиот собир доаѓа откако се прошири информацијата дека илјадници жени во Полска денеска нема да се појават на работа, ќе се откажат од работи во домаќинството и ќе апстинираат од секс како протест поради планираните законски измени во земјата за криминализација на сите абортуси. Протестот беше најавен во 60 различни полски градови.

Полска и досега имаше еден од најрестриктивните закони за абортус во Европа. Прекинот на бременоста беше дозволена само во рана фаза кога е загрозен животот или здравјето на мајката, кога има веројатност бебето да има трајни последици по здравјето и во случај кога бременоста настапила како последица на силување или инцест. Доколку стапат во сила новите измени, сите абортуси би биле криминализирани и жените кои би абортирале би се соочиле со затворски казни до пет години.

Противниците на законот се плашат дека жените кои би доживеале спонтан абортус ќе бидат под истрага, додека докторите би избегнувале рутински процедури на бремени жени во страв дека би биле обвинети за поттикнување абортус.

Фото: Социјални мрежи