[Фото] И Велес доби нови пешачки премини за побезбеден сообраќај

Волонтери и млади ликовни уметници од Велес изработија три нови дизајнерски решенија на три пешачки премини.

Акцијата е резултат на соработката помеѓу ЗГ „Активо” од Велес и Општината.

– На улиците „Алексо Демниевски Бауман” (во близина на ЈП „Парк спорт”), „Борис Трајковски” (во близина на ООУ „Васил Главинов”) и на улицата „Петре Прличко” (во близина на ООУ „Панко Брашнаров”), десетина волонтери, млади ликовни уметници од Велес во изминатите четири ноќи работеа на новите дизајни на пешачките премини под надзор на вработените од секторот за урбанизам од Општина Велес и во соработка со СВР Велес. Пешачките премини се изработени во 3Д модел и со предупредувачки зборови со цел зголемување на видливоста на пешаците и побезбедно одвивање на сообраќајот на улиците во Велес, информираат од Општината.

Активноста е дел од проектот R2M – „Ready to Move” („Подготвени за движење”) кои се организираат во текот на оваа седмица, а со тоа Општина Велес од 16 до 22 септември ја одбележува Европската недела на мобилност. Проектот ќе биде заокружен на 22 септември (недела) со организирање на Ден без автомобили.

Ко-спонзори на оваа активност од Европската недела на мобилност се и Европската Делегација во РСМ и ЕУ Инфо центрот во Скопје, како и Министерството за животна средина и просторно планирање.

Слична активност деновиве имаше и во Битола, каде пешачките премини на Широк Сокак добија интересен изглед.