[Фото] Герила акција во Скопје: Преку џиновска крофна до борба против корупцијата

Во центарот на Скопје, на улица „Македонија“, активисти поставија визуелна инсталација во форма на џиновска крофна, со порака „Една четвртина од јавните пари се трошат на коруптивен начин“. Се работи за трета и последна герила акција од проектот „Младите луѓе во С. Македонија: Клучна алка во градењето општество без корупција“, која претходно се реализираше во Гостивар и Тетово.

Активистите потенцираат дека четвртината што недостасуваше од крофната симболично ја претставува дупката што корупцијата секојдневно ја прави во јавниот буџет – средства кои наместо за образование, здравство и инфраструктура, исчезнуваат во приватни џебови.

„Преку овој креативен и визуелно силен перформанс, јавноста беше повикана да размисли за реалните последици од корупцијата и да се вклучи во барање отчетност и транспарентност од институциите“, соопштуваат активистите.

Тие велат дека кога институциите молчат, активистите зборуваат.

Преку креативен и симболичен израз ги повикуваме младите и јавноста да не останат рамнодушни. Продолжуваме со силна порака: Не молчи – кажи НЕ на корупцијата!“, посочуваат активистите.

Акцијата е замислена и реализирана во соработка со уметникот Никола Писарев од Центарот за современи уметности – Скопје, кој со својата креативна експертиза придонесе за оригиналноста и јасната визуелна порака.

Проектот се реализира со поддршка на Zivik Funding Programme на Германското Сојузно Министерство за Надворешни Работи, преку ifa – Institut für Auslandsbeziehungen, во партнерство со Аналитика Тинк Тенк, ОЖС – Организација на жени од Струмица и ИГИ Гостивар.

„Со оваа акција завршува симболичната, но моќна серија на креативни јавни интервенции што имаа за цел да ги мобилизираат младите и јавноста во борбата против корупцијата“, стои во соопштението.

Фото: Аналитика Тинк Тенк