„Прекрасни вести доаѓаат од Албанија. Две единки на балканскиот рис се фотографирани во Националниот парк ‘Шебеник’ во Албанија. Доказ дека овој вид повеќе не е само гостин од НП ‘Маврово’, туку и постојан жител на оваа заштитена територија“, информираат од Македонското еколошко друштво (МЕД).
Од таму посочуваат дека богатите и недопрени живеалишта во „Шебеник“ му овозможиле на овој критично загрозен вид, засолниште, храна и место каде одржливо може да ги изведува сите свои активности.

„Во текот на јуни и месеците потоа, беа поставени камера-замки, чија цел беше да собираат податоци за големите месојади, како мечките, волците и рисовите, како поддршка за заеднички стратегии за нивно зачувување во регионот“, посочуваат од МЕД.
Како што објаснуваат од МЕД, од прогласувањето на „Шебеник“ за Национален Парк во 2008 година, и подоцна со првиот фотографиран рис во 2012, неговото присуство било потврдувано одново и одново, покажувајќи значајно присуство во биолошката разновидност на овој Национален Парк.
Радио МОФ пред неколку години пишуваше за балканскиот рис, неговите предизвици, но и за Програмата за зачувување на овој критично загрозен вид, која здружно ја водат неколку организации од соседските земји.
По трагите на Лиса и Филипче, балканските рисови кои обединија три држави
Фото: Protection and Preservation of Natural Environment in Albania (PPNEA)
 
						 
								 
               
				![[Фото] Две единки на балканскиот рис фотографирани во НП „Шебеник“ во Албанија](https://www.radiomof.mk/wp-content/uploads/2025/09/Ris-Albanija-1-foto-Protection-and-Preservation-of-Natural-Environment-in-Albania-702x336.jpg) 
					
										
								
											
						




