Формирано Собрание на млади на Град Скопје на Меѓународниот ден на младите

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на младите, го потпиша решението за формирање Собрание на млади на Град Скопје, кое се основа за првпат во Градот Скопје, во согласност со Законот за младинско учество и младински политики.

Иницијативниот одбор, по спроведен јавен повик за учество на конститутивно Собрание на млади на Град Скопје, ги избра делегатите на Собранието во кое членуваат претставници од младински организации, подмладоци на политички партии, ученички и студентски организации и други облици на младинско здружување.

Собранието на млади на Град Скопје ги избира членовите на Локалниот младински совет на Град Скопје кои, согласно регулативата, ги застапуваат интересите на младите и креираат политики наменети за младите на подрачјето на град Скопје.

Од Град Скопје соопштија дека градоначалничката денеска остварила средба со претставниците на Иницијативниот одбор за конституирање Собрание на млади на Град Скопје, кои ја информирале за подготвителните активности за организирање на конститутивнaта седница на Собранието на млади на Град Скопје.