„Фолтин“ утре со концерт ќе го промовираат албумот „МОМÓМА“

Псевдо-емигрантското кабаре и еден од најоригиналните состави од земјава, „Фолтин“ во сабота (25 мај) со почеток од 21 часот во „Кабрио“ ќе има концертна промоција на новиот албум „МОМОМА“

Според писателот и рецензент Дејан Трајкоски, „МОМÓМА“ е најзрелиот албум на „Фолтин“. Музички клуч под дипле, со кој, вели тој, влегувате којзнае каде. Благо џезиран, а бескрајно љубовен.

„И, замислете, пријатно поинаков од сѐпретходно, а препознатливо фолтиновски. ‘МОМÓМА’ е како Шпато да седнал со ‘Бич Бојс’, па отсвириле пет-шест ствари. Онака, како од шега, ама пресериозно. И тоа од таа нивна чудесна ‘Pet sounds’ фаза. Кога правиш нешто сосема поинакво од очекуваното и ги збунуваш сите до радост. ‘МОМÓМА’ е и ‘Скопје фест’, оној од седумдесеттите, од Оџаклиевска, Хаџиманов, Спирова, Панчетовиќ, Биг-бендот… но со ‘Фолтин’, место сите нив заедно. Албумот нè гали и со влијанијата од Херби Хенкок – од ‘Thrust’, на пример, управувани од бојата на неговиот вселенски синтисајзер. Во песната „Ми се води љубов“ можеби можете да го препознаете и Том Вејтс, како да влегол во романтична џез фаза, па пее пригушено низ мегафонот од ‘Chocolate Jesus’. А потоа од некаде излегува и Боуви, со онаа негова проклето прекрасна насмевка. А текстовите? Тие се такви какви што ги очекувате – безмилосно нежни и силни. „МОМÓМА“ е оној момент којшто не сакате да заврши. Во ноќта кога, рече, може само да ме сонуваш. Кога ви се води љубов. Малку неморално. Раскошно и блудно”, вели писателот Трајкоски.

Цената на билетите изнесува 400 денари во предпродажба и 500 денари на врата на денот на концертот, билетите можат да се набавите преку продажната мрежа на Купи Карти За Се.

Слушнете го „Момома“ – новиот албум на Фолтин