ФМУ и Филхармонија: Безбедноста на нашите објекти е доведена во прашање, ќе бидат уништени дрвја и плочник за да помине механизација

Факултетот за музичка уметност, ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ и Филхармонијата најостро реагираат на, како што велат, скандалозните активности за узурпирање на јавниот простор помеѓу нивните два објекти.

Во дописот до медиумите тие праќаат фотографии и посочуваат дека просторот околу двата објекта се оградува за вештачки да се создаде пат/улица за тешката механизација, која, како што тврдат, треба да го исфрли шутот од изгорениот објект на поранешната Комерцијална банка.

„За таа цел ќе бидат исечени дрвјата, ќе биде уништен плочникот и ќе се доведе во прашање безбедноста на двата објекти. Ова не само што може да нанесе трајни последици во однос на безбедноста на објектите, туку и целосно ќе го попречи функционирањето на овие институции. Во подрумските простории кои се веднаш под овој отпеден ‘коридор’  се држи настава. Последиците од можна хаварија односно попуштање на слојот кој е предвиден за пешаци, а не за камиони се повеќе од реални. Веќе се чувствува наршената статика во балетските сали кои се дел од ДМБУЦ ‘Илија Николовски Луј’“, стои во реакцијата.

Според нив, работите се во полн ек, предпразнично, што дополнително ја доведува во прашање оправданоста и почитувањето на прописите кои се применуваат во оваа сфера.

„Поради тоа најостро реагираме и бараме итно и неодложно стопирање на градежните работи и почитување на основните норми на градење замајќи во предвид дека се работи за образовани институции т.е. за ученици и студенти, за нивното здравје и нивната безбедност“, стои во реакцијата на Факултетот за музичка уметност – Скопје, ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ и НУ Филхармонија.