По молк од најмалку еден месец, а веднаш по објавувањето на текстот на Радио МОФ, одговорните од „Едно Капаче-Една Надеж“ соопштија дека е прекинато собирањето капачиња и имаат проблем со нивниот транспорт, складирање и рециклирање.
Во објавата на нивната страница на Фејсбук тие пишуваат дека се повлекла фирмата што требало да ги преземе капачињата, па затоа повеќе од 2 тона капачиња сега стојат во просториите на ММСА, Македонската медицинска студентска асоцијација која стои зад проектот. Не пишуваат која е фирмата, но информираат дека уште пред три месеци добиле ветување дека ќе ги земаат капачињата и за возврат ќе добијат неколку инвалидски колички.
„Ние бевме само врската помеѓу луѓето што собираат капачиња и фирмата која ги зема капачињата и дава инвалидска количка. Фирмата се повлече и ние останавме во незгодна ситуација како и за нас така и за вас кои собирате со месеци на пукнтовите. Првично акцијата се одвиваше така што ние студенти- членови и волонтери на ММСА да го промовираме проектот и да бидеме во контакт со пунктовите но на крај ние бевме тие што контактираме, што вршиме транспорт, што договаравме фирми за складирање, рециклирање и се друго.
Имајте во предвид дека транспортот на капачињата беше вршен само од страна на еден студент со сопствено возило и на сопствен трошок. Повеќе пати ни понудија помош за транспорт но ниту една понуда не беше реализирана. На крајот беа обвинети наши студенти волонтери што воопшто не беа виновни.
Ние сме студентска организација каде што сите наши членови се студенти по медицина и имаме преголеми обврски на факултетот, студираме тежок факултет и покрај тоа организираме различни настани, имплементираме различни проекти“, пишуваат од ММСА, Македонската медицинска студентска асоцијација која стои зад проектот.
Во однос на веќе собраните капачиња на пукнтовите, замолуват да се зачуваат собраните количини додека не го решат проблемот.
Проектот „Едно капаче – една надеж“ се одвива неколку години, но последнава доживеа вистинска експанзија. Идејата е граѓаните да ги собираат капачињата од пластичната амбалажа, да ги носат до пунктовите за собирање, а потоа со парите од нивното рециклирање да се купат инвалидски колички кои ќе се донираат на семејства што немаат пари да ги купат. Како што најавија од ММСА, нивниот проект предвидувал капачињата да се откупуваат во Турција, поради поволните цени.
Капачиња се собираа низ цела држава, во училиштата и градинките, општините, кутии се поставуваа на јавни јастани. Но кога јавноста требаше да дознае што се случува со капачињата и дали се набавени количките, организаторите решија да молчат, се до објавувањето на нашиот текст.
„Едно капаче – една надеж“ – место за инвалидска количка, капачиња завршуваат во контејнер