„Едно капаче – една надеж“ – место за инвалидска количка, капачиња завршуваат во контејнер

Нема кој да ги земе пластичните капачиња што со месеци беа собирани од граѓаните во рамки на акцијата „Едно капаче – една надеж“, за со парите од нивното рециклирање да се купи инвалидска количка за семејства што не можат да си ја дозволат.

Зад акцијата стои Македонската медицинска студентска асоцијација (ММСА), но на Фејсбук страницата „Едно капаче-една надеж“, неколку недели никој не одговара каде може да се остават собраните капачиња. Нема ниту информација што е сторено со капачиња кои изминативе месеци беа собирани од десетици пунктови низ земјава.

Само Вилдана од Охрид чува два пакета капачиња со кои сега не знае што да прави. Вели дека барала каде да ги остави, но никој не одговара на нејзините повици.

„Добив број од една агенција што ја имаат ставено како контакт, но на тој број никој не се јавува“, вели Вилдана.

На ФБ страницата на акцијата како контакт е наведен бројот на туристичката агенција „Атлантик турс“. Се јавивме во агенцијата, од каде рекоа дека тие биле само собирен пункт за капачиња, но во моментов поради зголемените активности во летниот период прават пауза и не ги преземаат. Нe упатија кај претседателот на ММСА, Онур Дика. Тој е недостапен на неговиот телефонски број. Радио МОФ се обиде да ја контактира и Емилија Митевска, студентката која беше координатор на акцијата. Цела недела и таа не одговара на нашите повици. Одговор нема ниту на прашањата на Радио МОФ пратени на ФБ страницата на акцијата и на ММСА.

Капачињата завршуваат по контејнери

Дел од капачињата собирани со месеци веќе се фрлаат во контејнерите, наместо за завршат како релативно скапа суровина за рециклирање. Активистката Ана Голејшка на Твитер ја сподели фотографијата од контејнер покрај кој се тркалаат капачињата.

„Собравме многу капачиња со Ретвитни оброк, а немаме каде да ги однесеме“, вели Голејшка и додава „Ако веќе се информира јавноста, нека биде конечно транспарентно. А не да мислат луѓето дека донираат капачиња за добра цел – а целта не постои“.

Дека има проблем се согласува и активистот Блаже Јосифовски, од „Ајде Македонија“.

„Не одговараат на пораките“, забележува.  Тој оди и чекор понапред.

„Најдов и компанија во Македонија што би ги откупувала за 10-11 денари од килограм, што би значело дека на секои 1000 килограми би можеле да купуваме по една инвалидска количка. Но, не би сакал да правиме двојна работа со Едно Капаче – Една Надеж. Можеби додека не одговараат на пораки би можеле да договориме кој да ги собира и носи, да не пропаѓаат количините“, се двоуми Јосифовски.

Патот на пластичниот отпад

Според најавите, капачињата од акцијата „Едно капаче – една надеж“ треба да се однесат на рециклирање во Турција, а за количина од 250 килограми ќе се добие една инвалидска количка што потоа ќе биде донирана. Неофицијално, Радио МОФ дознава дека се појавиле проблеми транспортот и откупот на капачињата во Турција, поради што проектот ќе биде сосема прекинат со работа во септември.

Одговор на прашањето што се случува со пластичниот отпад и дали некој може да ги откупи „вишокот“ капачиња во Македонија побаравме кај Ристе Андов од фирмата за рециклирање „Еко пласт техника“ од Кавадарци, што рециклира пластични шишиња и произведува гранулат од нив. Но не откупува капачиња. Напротив, појаснува, за него шишињата се суровина, а капачињата и етикетите претставуваат отпаден материјал, и како таков го продава на фирмата „Полимери пласт“, од Прилеп.

Во „Полимери пласт“ пак објаснуваат дека за нив капачињата се примарна суровина бидејќи се направени од полипропилен. Цената во моментов, вели директорот Сашо Талески се движи околу 15 денари по килограм, или 15 000 за еден тон.  Но и овде не може да се остават „вишокот“ капачиња, бидејќи фирмата нема право да откупува материјал од физички, туку само од правни лица.  Но затоа, додава, вакците капачиња лесно може да се остават на отпад, па оттаму брзо ќе ги откупат компаниите кои рециклираат полипропилен.

Едно капаче – една надеж

За разлика од изминатите години, акцијата годинава зема вистински замав, а капачиња се собираа во училиштата, фирмите, се носеа во општинските канцеларии, во градинките. Граѓаните дадоа силна поддршка на идејата која поттикнуваше две работи – зачувување на животната средина од една страна, и хуманост од друга страна.

Акцијата „Едно капаче – една надеж“ е почната во 2013 година од ММСА, од каде во велат дека проектот е земен од „Грин клаб“, турска организација со која е склучен договор за соработка. Во изјави за медиумите во текот на промоцијата на годинешната акција,  претседателот на ММСА Онур Дика тврдеше дека биле набавени четири инвалидски колички. Кој ги доби количките не се открива, а транспарентноста изостанува и во делот на тоа колку тони капачиња беа собрани годинава, кој ги откупи и колку колички беа донирани.

*Дополнување: Непосредно по објавувањето на текстот одговор до Радио МОФ стигна од ФБ страницата на ММСА.

„Моментално одговорните лица за проектот не се во државата туку (се)на пракса за летниот период во странство. Проектот е во мирување до почетокот на септември“, пишуваат од ММСА.

Оттаму најавија и дека во меѓувреме сите прашања ќе бидат пренесени до одговорните во ММСА и ќе бидат одговорени.

Јасмина Јакимова