ФИНКИ утре ќе протестира пред Влада, поддршка доби и од УСС УКИМ

Најбројниот факултет во земјава – Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) за утре од 12 часот најави мирен протест пред Влада, а притоа доби поддршка и од Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ). 

Како што велат од ФИНКИ, протестот е согласно одлуката од деканатската управа.

„На протестот пред Владата на РСМ, ќе се одржи 25-та редовна седница на Наставно научниот совет на факултетот. Со цел укажување на власта за потребата од подобрување на условите за студирање на студентите на Факултетот, започнуваме со серија на мирни протести, се до остварување на целта. Воедно ги повикуваме сите лица кои сакаат да го подржат факултетот во остварување на нашето барање се добредојдени“, соопштуваат од ФИНКИ.

Од таму деновиве побараа од Владата да најде решение за просторниот проблем со кој се соочува институцијата. Со повеќе од 5.000 студенти, ФИНКИ е најголемата високообразовна установа во државата, но се’ уште го чека својот објект во Општествениот кампус на УКИМ. Со тоа, вистински предизвик за управата е да се најде доволно простор за да се сместат сите запишани студенти.

Оттука, меѓу другото, ФИНКИ побара од Владата да донесе одлука за давање на времено или трајно користење, без надомест, на објектот кој се наоѓа во склоп на Техничко-технолошкиот кампус на УКИМ. Исто така, Владата да го задолжи Министерството за образование и наука (МОН) во рок од три месеци да обезбеди простор и да изврши релокација на Бирото за развој на образованието (БРО), чии вработени се сместени во три од бараките на Техничкиот кампус. Две од овие бараки, вели ФИНКИ, се во сопственост на УКИМ, а една е во сопственост на државата.

„Бирото нема правен основ за понатамошна узурпација на овие објекти и согласно тоа, Факултетот се обрати до Владата истите да бидат ослободени. Дополнително, Факултетот бара објектот кој е во сопственост на државата да му биде даден на времено или трајно користење без надомест“, се вели во барањето на ФИНКИ, испратено до Владата и МОН.

Ваквите барања добија поддршка и од УСС УКИМ, од каде најавија свои активности на мирниот протест.

„УСС го поддржува протестот на факултетот ФИНКИ, со тоа што одржуваме работилница ‘Финансиски аспекти на обезбедување на соодветни услови за работа на ФИНКИ’. Работилницата ќе се одржи токму на протестот пред Влада, на улицата. Тоа ни е гест за да повикаме да ни се придружат што повеќе студенти“, вели за Радио МОФ Данило Крстовски, портпаролот на УСС УКИМ.

Бојан Шашевски