Филипче: Од следниот месец сертификатот за вакцинација ќе важи само со две дози

Од следниот месец сертификатот за вакцинација ќе биде валиден само со целосна вакцинација, а не како досега и со една доза од вакцините против Ковид-19, најави министерот за здравство, Венко Филипче.

Вакциналниот сертификат е неопходен за влез на граѓаните во ресторани, кафулиња и трговски центри, како и за присуство на помасовни настани.

„Една од мерките која сигурно ќе се препорача, но ќе оставиме и доволно време да помине, е потребата да се прикаже сертификат за најмалку една примена вакцина ќе прерасне во потврда за целосно вакцинирани граѓани. Секако, тоа ќе биде некаде во месец октомври“, рече Филипче.

Министерот посочи дека потребата од дополнителни мерки ќе зависи од анализата што во моментов ја подготвува Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и треба да биде готова во сабота. Таа треба да даде детали за тоа каква е состојбата со бројот на новите случаи на Ковид-19, во кои градови се регистрираат, каква е возраста на заболените и опфатот на вакцинација во тие региони.

Вакцинацијата, според Филипче, се одвива добро иако во последните денови се бележи пад на интересот. Со последните бројки 55% од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 30% од населението над 18-39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина. Тој посочи дека вирусот се шири меѓу невакцинираните – над 90 отсто од смртните случаи немале примено вакцина, а помеѓу новозаразените 79 проценти не се вакцинирани.