Фејсбук отстрани објава на Трамп за Ковид-19 поради дезинформација

Фејсбук отстрани еден од постовите на американскиот претседател Доналд Трамп поради прекршување на правилата на социјалната мрежа во врска со дезинформации околу коронавирусот.

Во објавата, Трамп лажно тврдел дека Ковид-19 е помалку смртоносен од сезонскиот грип.

„Отстрануваме неточни информации за сериозноста на Ковид-19 и сега ја отстранивме оваа објава“, рекол портпаролот на Фејсбук.

Американските медиуми пренесуваат дека претседателот и претходно, многу често во своите јавни обраќања ја потценува опасноста од Ковид-19. Во моментов, откако и самиот се инфицираше со вирусот, тој продолжува да го прикажува како многу помалку опасен од тоа што го покажуваат бројките.

Истата порака која е отстранета од Фејсбук е објавена и на Твитер и таму сè уште може да се погледне. Сепак од Твитер на оваа објава имаат поставено забелешка дека твитот ги нарушува нивните правила за ширење на неточни информации поврзани со Ковид-19.

Според експертите, смртноста од Ковид-19 е прилично повисока од таа на различните видови сезонски грип.

Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) проценуваат дека во САД од грип починале 22.000 луѓе во последната сезона од крајот на 2019 година. За споредба, досега во САД, од коронавирусот починале повеќе од 219.000 луѓе оваа година, според податоците на Универзитетот Џон Хопкинс.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.