Фејсбук ќе предупредува ако сакате да споделите стара вест

Фејсбук објави дека лансирал нова алатка која ќе ги известува корисниците кога сакаат да споделат новинарски текст кој е стар повеќе од 90 дена, како најнов обид за справување со лажни и погрешни информации, пренесува Форбс.

Предупредувањето нема да ги спречува корисниците да го споделат текстот, туку само ќе ги известува колку е стара информацијата.

„Новата политика има за цел да им обезбеди контекст и да ги информира луѓето за тоа што сакаат да го споделат. Во изминатите месеци, нашето внатрешно истражување покажа дека актуелноста на статиите е важен контекст кој им помага на луѓето да решат што ќе читаат, веруваат и споделуваат. И самите медиуми имаат изразувано загриженост за старите вести што се споделуваат на социјални мрежи, зашто тие многу често даваат погрешна слика за актуелни настани“, вели Џон Хегеман, потпретседателот за њуз фид на Фејсбук.

Фејсбук постојано беше критикуван за тоа што дозволуваше дезинформациите да остануваат на платформата или што беше пребавен во нивното отстранување.

Едно истражување од април покажа дека 41% од дезинформациите за Kовид-19 не биле тргнати од платформата, иако самите корисници ги означиле како погрешни.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.