Фабриката „Пејпер Мил“ вгради филтер, откако пред четири месеци престана со работа

Кочанската фабрика за хартија „Пејпер Мил“ набавила и инсталирана нов филтер, но и направила план за мерење на емисиите во воздухот што ќе се вршат во период од две недели, додека да се изврши штелување и прилагодување на процесот на пробна работа со филтерот, информираа денеска од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС).

Како што додаваат тие, со новиот вреќаст филтер, емисиите на прашина би требало да се спуштат под 50мг/м3, односно да бидат три пати пониски од вредностите што се пропишани со А интегрираната еколошка дозвола.

„Од Пејпер Мил беа доставени и предлози за акредитирани лаборатории што ќе ги вршат мерењата во текот на пробната работа, а со цел постигнување на вредностите од 50mg/m3. Инспекторатот ангажираше вештак за проверка на нивните акредитации и ги утврди методите што ќе мора да се користат при мерењата на загадувачките материи, заради добивање меродавни резултати. Пејпер Мил ќе треба од Министерството за животна средина и просторно планирање да побара и добие измена на А интегрираната еколошка дозвола за да се ажурираат направените технолошки промени и да се намалат граничните вредности од 150mg/m3 на 50mg/m3“, стои во соопштението на ДИЖС.

На 14 јануари годинава, фабриката се затвори, а таквото решение било донесено од бугарскиот сопственик на фирмата. Нивната одлука дојде откако една недела претходно ДИЖС им нареди да работат на плин, поради надминување на емисиите од оџакот кои биле направени на 30 декември, минатата година.

Надминување на дозволените вредности беше констатирано и преку вонредниот надзор кој ДИЖС го направи на 4 ноември, како и преку двете мерења на емисиите на оџите на фабриката на 13 ноември и 2 декември.

Жителите на Кочани на крајот на минатата година излегоа на протест пред фабриката, за да алармираат за проблемот кој го прави, како што тогаш рекоа, најголемиот загадувач на градот. Оттука тие побараа фабриката да се затвори се додека не почне да користи еколошко гориво и да работи според прописите.

Затворена фабриката „Пејпер Мил“ од Кочани, откако доби наредба од ДИЖС да работи на плин