Затворена фабриката „Пејпер Мил“ од Кочани, откако доби наредба од ДИЖС да работи на плин

Кочанската фабрика за хартија „Пејпер Мил“ е затворена, a решението било донесено од бугарскиот сопственик на компанијата,  пренесува „Телевизија 24“. Како што додаваат тие, 120 работници добиле известување од денеска повеќе да не доаѓаат на работа.

„Фабриката е затворена и производствениот процес е целосно запрен, но работниците сè уште не се отпуштени од работа. Што ќе биде понатаму чекаме одговор од бугарската страна. Одлуката е донесена вчера, а причината за затворањето е што нема исплатливост за понатамошно работење ако како енергенс се користи метан“, изјави Игор Тасевски, одговорно лице во „Пејпер Мил“.

Одлуката за затворање на фабриката доаѓа по повеќе од една недела, кога Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) им нареди да работат на плин, поради надминување на емисиите од оџакот, кои беа направени на 30 декември. Од ДИЖС тогаш посочија дека „инсталацијата ќе работи на плин се додека не се постигнат законски утврдените гранични вредности“.

Но, надминување на дозволените вредности беше констатирано и преку вонредниот надзор кој ДИЖС го направи на 4 ноември, како и преку двете мерења на емисиите на оџите на кочанската фабрика на 13 ноември и 2 декември.

Кочанчани на крајот на декември минатата година излегоа и на протест пред фабриката, за да алармираат за проблемот кој го прави, како што посочија тогаш, најголемиот загадувач на градот. Оттаму побараа фабриката да се затвори се додека не почне да работи според прописите и додека не почне да користи еколошко гориво.

Кочанската фабрика „Пејпер Мил“ доби наредба од ДИЖС да работи на плин