Европските земји ќе ги примат децата од изгорениот мигрантски камп на Лезбос

Германската влада соопшти дека 10 европски земји се согласиле да прифатат 400 малолетници без придружба, кои беа сместени во најголемиот мигрантски камп во Грција, кој изгоре во пожар.

Министерот за внатрешни работи, Хорст Шехофер рече дека најголемиот дел од мигрантите ќе бидат примени во Германија и Франција, пренесе Би-Би-Си.

Во кампот Морија, на Лезбос, беа сместени скоро 13.000 луѓе. Откако изби пожарот, семејствата спијат во полињата и на патиштата откако избегале од огнот, додека локалните власти имаат проблем да им најдат сместување.

Откако го посети кампот, заменик претседателот на Европската Комисија, Маргаритис Шинас, изјави дека запалениот камп ќе биде заменет со модерен објект на истото место. Грчката влада испрати тим на Лезбос кој треба да најде решение за сместување на мигрантите, но локалните жители протестираат против план за нов камп.

Европската Унија подолго време е поделена по прашањето како да се справат со масовното доаѓање на мигранти, во најголем дел во Грција и Италија. Овие две земји ги обвинуваа побогатите ЕУ членки дека не прават доволно за справување со проблемот, додека голем број на држави од централна и источна Европа отворено се противат на идејата за преземање на дел од миграните.

Пожар го проголта најголемот грчки камп за бегалци на островот Лезбос