„Европскиот воз“ пристигна во Скопје

Синоќа на железничката станица во Скопје пристигна возот „Конектинг Европа Експес“ кој е на петнеделна турнеја низ Европа во која ќе помине низ 26 држави и ќе посети повеќе од 100 градови со цел да се промовира железничкиот превоз во Европа.

Специјалниот воз, кој тргна од Лисабон на 2 септември на своето патешествие ќе помине 20.000 километри, а ќе ја заврши својата мисија во Париз на 7-ми октомври.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој пристигна со овој воз од Белград каде учествуваше на Самитот посветен на развој на Железницата во земјите од Западен Балкан, рече дека „Европскиот воз“ како симбол на поврзаност на земјите, сам по себе говори за нашата стратешка визија да станеме полноправна членка на европското семејство.

„[Возот] претставува доказ за пријателството, одличната соработка што ја имаме со нашите партнери од ЕУ и доказ за поддршката што ни ја овозможуваат во развој и модернизација на транспортниот сообраќај“, посочи Бочварски.

Фото: Благој Бочварски / Фејсбук

Според евроамбасадорот во Северна Македонија, Дејвид Гир, возот претставува симбол на иднината на транспортот – поповрзан, поеколошки и поодржлив.

Следната станица на овој „Европски воз“ ќе биде Атина, во Грција. На турнејата планирани се различни настани на кои возот ќе биде пречекуван на железничките станици низ цела Европа. Заинтересираните ќе можат да следат дебати и конференции кои ќе се одржуваат во возот на темата на инфраструктурни политики и улогата на Транс-европската транспортна мрежа (ТЕН-Т) кои ќе бидат стримани во живо од Лисабон, Букурешт, Берлин и Бетембург.