[Инфографик] Без меѓународни возови Балканот е железнички изолиран од Европа

Меѓународниот железнички сообраќај на Балканот незапирливо изумира, а дел од земјите во регионот се целосно железнички изолирани од Европа во период кога Европската Унија во континуитет инсистира на зголемување на користењето на возовите, како последица на климатските промени предизвикани од емисијата на стакленички гасови, пишува „Мета“.

Мета.мк направи анализа на бројот на меѓународни возови коишто сообраќаат до и од нашата земја, но и на бројот на возови што ги поврзуваат другите балкански градови. Бројките се поразителни за сите земји, покажуваат возните редови на државните железнички компании од 2022 наспроти 2012 година.

Земјава во моментов со постојниот возен ред има само еден меѓународен воз од Скопје до Приштина, но и тој не сообраќа. Исто така, Грција, Косово, Албанија и Босна и Херцеговина немаат ниту еден меѓународен воз во моментов за патување кон соседните земји. Единствено Косово го има впишано во возниот ред возот меѓу Приштина и Скопје, но тој не сообраќа од почетокот на ковид-19 пандемијата.

Меѓу земјите од регионот, Бугарија и Србија се двете земји коишто во 2022 година имаат предвидено сообраќање на меѓународни возови со соседните земји. Во Бугарија сообраќаат два погранични воза, со преседнување на патниците, на релациите Софија-Видин-Крајова и Софија-Русе-Букурешт кон Романија.

Србија пак годинава има планирано 10 меѓународни и шест погранични возови кон соседните земји, но најголем дел од нив, како што се возовите од Белград за Бар и од Белград за Загреб и Љубљана, се сезонски возови кои годинава ќе сообраќаат единствено во текот на летниот период. Слична е состојбата и со Црна Гора, која што за 2022 година има планирано во возниот ред единствено возови што ќе сообраќаат меѓу Белград и Бар.

Бројот на меѓународни возови на Балканот константно опаѓа

За разлика од денес, пред една деценија балканските земји беа значително повеќе поврзани со меѓународен патнички железнички сообраќај. Во 2012 година, од Скопје редовно сообраќаа по два експресни воза кон Белград секој ден, еден воз кон Приштина и сезонски воз којшто превезуваше граѓани во летниот период кон Бургас.

Црна Гора пред една деценија имала исто така четири меѓународни возови, кои сообраќаа кон соседна Србија, но и со вагони кои сезонски во летниот период доведуваа туристи од неколку европски земји кон Јадранот. Ваквиот воз од Скопје кон Бар беше укинат во 2011 година, поради тоа што Србија ја укина железничката линија меѓу Ниш и Црна Гора токму таа година и никогаш не ја врати повторно во функција.

Бугарија, за разлика од постојните два меѓународни воза кон Романија, во 2012 година беше железнички поврзана од Софија кон Солун и Атина, Белград, Киев, Москва, Истанбул и Букурешт. Пред само 10 години, шест меѓународни возови сообраќаа од бугарскиот главен град кон странство.

И Босна и Херцеговина пред една деценија беше железнички поврзана со Хрватска и Србија со експресните возови меѓу Сараево и Загреб и Сараево и Белград, додека денес нема ниту еден меѓународен воз. Денес единствено сообраќа пограничниот воз од Рума (Србија) до Зворник (БиХ).

Намалувањето на меѓународниот железнички сообраќај најдобро може да се увиди од Србија, која го зазема централното место на Балканот и отсекогаш имала развиени железнички врски со соседите. За една деценија, двојно е намален бројот на меѓународни возови кон странските дестинации. Во 2012 година, во Србија имало 20 меѓународни возови и дополнителни 16 погранични возови со соседните земји.

Од Белград пред 10 години се патуваше со воз кон Скопје, Софија, Бар, Сараево, Букурешт, Будимпешта, Загреб, Љубљана, Цирих и Виена, а имаше и директни вагони кон други странски дестинации. За разлика од тоа, во 2022 година од десетте меѓународни воза, дестинациите кон Загреб и Љубљана се сведени на сезонски линии во летниот период, додека кон Будимпешта воз сообраќа единствено од Суботица.

Најмал број на линии и во 2012 година и денес имало Косово, кое меѓународно железнички е поврзано само со Скопје. За разлика од пред една деценија, оваа железничка врска денес не се одржува. Мета.мк од Железници на РСМ-Транспорт побара информација кога ќе биде повторно пуштен во функција возот меѓу Скопје и Приштина, но не добивме одговор на ова прашање. Неодговорено ни остана и прашањето за тоа кога ќе профункционира возот од Скопје кон Солун и Белград.

Меѓународниот железнички превоз на Балканот е трајно загубен

Дејан Трпевски, сообраќаен инжинер и експерт за железнички систем, за Мета.мк вели дека не треба да не изненадува состојбата со меѓународниот железнички сообраќај во земјава и на Балканот.

„Патничките возови генерално генерираат само загуба. За да работи профитабилно патничкиот сообраќај потребно е постоење на повеќе фактори. Постоење на население кое ќе ги користи услугите на железницата, квалитетна услуга, висока фреквенција на возови во текот на денот, добра разгранета инфраструктура, пристапна цена за користење на услугите“, вели Трпевски.

Тој додава дека постојат многу граници меѓу балканските земји, а од друга страна релациите се многу кратки, па за граѓаните е полесно да се патува со кола или автобус кон овие дестинации наместо со воз. Сепак, за главна причина за згаснувањето на меѓународните возови тој ја смета забрзаната миграција на населението кон странство и непостоењето на луѓе што би патувале со возови, но и конкуренцијата на патниот сообраќај.

Дејан Трпевски смета дека Балканот има големи разлики во споредба со европските земји. Во ЕУ, станува збор за земји со многу поголемо население, кои живеат во поголеми градови што се наоѓаат на релативно големи растојанија, па така користењето на брзи возови е полесно применливо и економски многу порентабилно.

„Таквото искуство од ЕУ не може да се примени на балканските земји, бидејќи не може да се прави споредба поради различните услови кои постојат во ЕУ и на Балканот во поглед на население, отвореност на граници, потреба за патување, должина на релациите за патување и слично. Приватни оператори не ни помислуваат да влезат во делот на патничкиот сообраќај на железницата“, вели Дејан Трпевски.

За да го промовира железничкиот превоз меѓу граѓаните, 2021 беше прогласена за година на железницата од страна на ЕУ, додека во европски рамки пропатува Connecting Europe Express, воз којшто мина и низ Балканот за да го промовира железничкиот превоз. ЕУ вложува во изградба на железничката инфраструктура на Коридорот 8 во земјава, како и на Коридорот 10 во Србија, но и на серија други инфраструктурни железнички проекти во останатите балкански земји.

Ваквите инвестиции од ЕУ во железничката инфраструктура, според експертот Дејан Трпевски, ѝ се потребни на Унијата за да транспортира стоки од грчките пристаништа кон земјите од Централна Европа, но не и за развој на патничкиот железнички превоз во овој дел од Европа. Според него, патничкиот сообраќај со меѓународни возови во блиска и подалечна иднина нема перспектива на Балканот.

Мета