Европски универзитет под инспекциски надзор!

Инспекции ќе го чешлаат Европски универзитет, потврди за Радио МОФ Државниот просветен инспекторат. Откако вчера објавивме дека поголем број на професори и асистенти го напуштиле универзитетот, наводно заради неисплатени плати и незадоволство од условите за работа, инспекторите решија да излезат на терен.

„Во тек е инспекциски надзор, повеќе информации околу случајот ќе добиете од понеделник“, велат од Државниот просветен инспекторат за Радио МОФ.

Деновиве на социјалните мрежи повеќе граѓани изразија загриженост за функционирањето на универзитетот, а студентите се плашат дека ќе им пропаднат парите кои ги дале за своето студирање. Се шпекулира дека универзитетот го напуштиле дури 27 професори и асистенти, што според студентите значително ќе влијае на квалитетот на наставата. Иако контактиравме дел од нив, тие засега јавно не сакаат да зборуваат за оставките. Дополнително, не се знае дали заминувањето на професорите може да предизвика и губење на акредитацијата на универзитетот.

Оставките на професорите и асистентите вчера за Радио МОФ ги потврди и сопственикот на Европскиот универзитет, д-р Бојо Андрески, но тој негираше дека универзитетот има проблеми во секојдневното функционирање.

„Си отидоа оние кои сака да добијат повеќе отколку што даваат. Секој има право да си бара друга работа. Администрацијата на Европскиот универзитет функционира најнормално, а студентите ги имаат на располагање сите услуги од универзитетот. Професорите кои сега ги имаме целосно ги покриваат сите наставни програми без проблем“, рече Андрески.

Кристина Озимец