Професори и асистенти си одат – што се случува на Европски универзитет?!

Професори и асистенти си одат – што се случува на Европски универзитет?!Поголем број на професори и асистенти го напуштиле Европскиот универзитет наводно заради тоа што не биле задоволни од условите за работа и имале неисплатени плати, дознава Радио МОФ.

На социјалните мрежи наголемо се шпекулира дека универзитетот веќе подолго време се соочува со потешкотии во работењето заради незадоволството кај одреден дел од вработените, а студентите кои се дел од него се плашат дека може да им пропаднат парите кои ги вложиле во своето студирање.

За заминувањето на професорите и асистентите, Радио МОФ доби потврда и од сопственикот на Европскиот универзитет, д-р Бојо Андрески, но тој негира дека универзитетот има проблеми во секојдневното функционирање.

„Си отидоа оние кои сака да добијат повеќе отколку што даваат. Секој има право да си бара друга работа. Администрацијата на Европскиот универзитет функционира најнормално, а студентите ги имаат на располагање сите услуги од универзитетот. Професорите кои сега ги имаме целосно ги покриваат сите наставни програми без проблем“, вели Андрески.

Разните шпекулации околу проблемите во функционирањето на Европскиот универзитет станаа актуелни минатата година, откако медиумите објавија дека е можно продавање или затворање на универзитетот, наводно заради лошата финансиска состојба на сопственикот Бојо Андрески, што подоцна беше демантирано од негова страна.

К.О.