Европската Унија го одобри договорот за „Брегзит“

По помалку од еден час дискусија, европските лидери го одобрија договорот за повлекување на Велика Британија од Европската Унија.

„ЕУ27 го усвои договорот за повлекување и политичката декларација за идните односи меѓу Европската унија и Велика Британија“, напиша Туск на својот официјален твитер профил, по вонредниот самит во Брисел.

Следно, договорот треба да биде одобрен од парламентот на Велика Британија, каде во изминативе 18 месеци, колку што траеја преговорите, се појавија бројни несогласувања меѓу членовите.

Двајца министри веќе поднесоа оставки. Прво тоа го направи министерот за „Брегзит“, Доминик Раб, кој соопшти дека дал оставка затоа што „не може со чиста совест да го поддржи“ договорот на Велика Британија и Европска Унија. Него го следеше и министерката за труд и пензии Естер Луис МекВеј, која исто така соопшти дека поднесува оставка од владата.

Гласањето во парламент ќе се случи на почетокот од декември, а официјалното заминување на Велика Британија од ЕУ на 29. март следната година.