Двајца британски министри поднесоа оставка – Не се сложуваат со договорот за „Брегзит“ на премиерката Меј

Британската премиерка Тереза Меј вчера соопшти дека обезбедила поддршка од својот кабинет за постигнатиот нацрт-договор со Европската Унија за „Брегзит“ по средбата која траела пет часа.

Сепак по најавите дека неколку министри биле против договорот утрово двајца министри поднесоа оставки. Прво тоа го направи министерот за „Брегзит“, Доминик Раб, кој соопшти дека дал оставка затоа што „не може со чиста совест да го поддржи“ договорот на Велика Британија и Европска Унија. Него го следеше и министерката за труд и пензии Естер Луис МекВеј, која исто така соопшти дека поднесува оставка од владата.

„Предлогот кој беше ставен пред кабинетот, а кој наскоро ќе го оцени целата јавност во земјата, подразбира да им дадеме 39 милијарди фунти на ЕУ без ништо за возврат. Ќе не стави во стапица на царинска зона, ќе ни ги заврзе рацете не само за сегашната, туку и за идни влади во обезбедување политики на слободна трговија. Не би ја вратиле контролата назад, туку би ја предале на ЕУ, па дури и на трета страна за арбитража. Од позицијата „останување без договор е подобро од лош договор“, стигнавме на позицијата „секој договор е подобар од останување без договор““, напиша МекВеј во соопштението по нејзината оставка.

 

Би-Би-Си пишува и дека постои можност дека конзервативните парламентарци од партијата на Меј ќе покренат гласање за доверба на владата.

Раб, поддржувач на кампањата за излегување од ЕУ, се наоѓа меѓу групата на високи функционери во кабинетот на премиерката кои се незадоволни од договорот. Тој бил директно вклучен во изработката на нацрт-документот со кој се одредуваат правила и принципи за британското напуштање на ЕУ.

Премиерката Меј по синоќешниот состанок на нејзиниот кабинет соопшти дека државата сега треба да избере помеѓу три опции:

„Овој договор, кој ја спроведува волјата од референдумот, кој ја враќа контролата на нашите пари, закони и граници, го запира слободното движење, ги заштитува работните места, безбедноста и нашата Унија, или „Брегзит“ без договор, или нема да има „Брегзит“, изјави Меј.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, по постигнувањето на договорот изјави дека тој сè уште го гледа „Брегзит“ како ситуација во која двете страни губат.

„Но, колку и да сум тажен што не напуштате, ќе сторам сè ова збогување да биде колку што е можно помалку болно, и за вас и за нас“, изјавил Туск додавајќи дека доколку не се случи нешто „ненадејно“, договорот за „Брегзит“ ќе биде „финализиран и формализиран“ на итен самит на ЕУ на 25-ти ноември.