Европската комисија ја осуди полициската бруталност врз Ромите

Европската комисија (ЕК) е запознаена и ја осудува полициската бруталност од минатата недела врз лицата од ромско потекло во Битола, јави дописничката на „МИА“од Брисел.

„Многу јасно осудуваме секаква неоправдана употреба на сила, нотираме дека властите го осудија инцидентот и дека преземаа чекори за отворање истрага за одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата“, изјави портпаролката за проширување на ЕК, Ана Писонеро, пренесува „МИА“.

Полицискиот службеник кој пред речиси една недела претепа Ром доби кривична постапка и суспензија од работното место, а отпочната е постапка и за утврдување на дисциплинска одговорност против него, соопшти пред три дена министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Како што посочи Спасовски, од работното место е суспендирано уште еден полициски службеник кој непосредно бил присутен на местото на настанот и не преземал мерки за спречување на неоснованата употреба на физичка сила. Дополнително, против него е исто така поведена дисциплинска постапка

Видеоснимката од случката на која се гледа силата која ја употребуваат полицајците врз граѓаните ја објавија од иницијативата „Аваја“ преку Фејсбук, која викендов во Битола организираше протест против полициската бруталност.

Десетици граѓани учествуваа на протестот каде се скандираше „Правда за Ромите“ и „Роми полицајци“, кој заврши кај седиштетото на СВР Битола.

[Видео] Со скандирање „Нема правда нема мир“ и „Правда за Ромите“ се одржа протестот против полициска бруталност во Битола