Евра наместо куни и отворени граници во ЕУ – Хрватска од полноќ стана членка на евро и Шенген зоната

Хрватска стана 20 членка на еврозоната, монетарната унија на земјите членки на Европската Унија чија примарна валута и единствено законско платежно средство станува еврото. Истовремено државата стана 27 членка на Шенгенската зона, односно ќе влезе во групата на европски земји помеѓу кои нема да постојат гранични контроли.

Со првиот ден од новата година во Хрватска службена платежна единица станува еврото, која ќе ја замени нивната досегашна валута куната. Претходното проширување на еврозоната се случи во 2015 година, кога членка стана Литванија.

Од денеска во земјата започнува период на двоен оптек на валутите, кој ќе трае 14 дена. За време на овој период готовинските трансакции ќе можат да се вршат и во евра и во куни, но примателот на плаќањата е должен остатокот на парите да го врати во евра. Во меѓувреме банкоматите и другите уреди во банкарската трговија за исплата ќе користат исклучиво готовински пари во евра.

Хрватска од 5 септември минатата година започна цените во продажбата да ги прикажува и во куни и во евра и оваа практика ќе трае до крајот на 2023 година. Тоа е клучен механизам за заштита на потрошувачите во процесот на замени на хрватските куни во евра.

Паралелно Хрватска со новата 2023 година влезе и во шенгенскиот простор, со што се укинуваат сите гранични контроли и границите помеѓу земјите членки на оваа зона стануваат исклучиво политички. Преминот од Словенија и Унгарија во Хрватска ќе биде целосно слободен, додека границите на Хрватска со Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора ќе бидат засилени, бидејќи тоа ќе бидат единствените гранични премини кои го чуваат влезот во ЕУ.

Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен денеска ќе ја посети Хрватска, на денот кога се подигаат рампите и се укинуваат граничните контроли со Словенија и Унгарија и кога во оптек се воведува еврото.

„Знам колку труд беше потребно да се исполнат сите услови за влез во Шенген и да се направат реформите потребни за влез во еврозоната. Можете да бидете горди на тоа“, им порача Фон Дер Лајен на Хрватите, пренесува Индекс.хр.

Таа напомена дека со ова Хрватска ја завршува својата целосна европска интеграција и додаде дека хрватските граѓани ќе можат да уживаат во некои од најдобрите погодности кои Унијата може да ги пружи.

„Со Хрватска во еврозоната, 20 држави членки на ЕУ и 347 милиони граѓани ќе делат заедничка валута. Тоа ќе ни даде уште поголемо влијание на меѓународната сцена“, додаде Фон Дер Лајен.