„Еволуција на еден сон“ – Изложба и концерт во Кинотека на Македонија

Пред две години ја испразнија куќата на Рузвелтова 44-А, што стоеше во еден од последните дебармаалски дворови, и ја наполнија со уметност пред конечно да биде срушена. Приказната за „Еволуција на еден сон“ беше целосно обработена од македонски уметници кои со своите дела ја вратија магијата на едно некогашно живеење.

Во понеделник, на 24-ти септември, во 18 часот, во изложбениот простор и во дворното место на Кинотека на Република Македонија, ќе се организира второто издание од „Еволуција на еден сон“, а организаторите ги повикуваат граѓаните да им се придружат за повторно да ја спроведат меморијата од ова случување, изложувајќи ги делата кои беа создадени.

На настанот, истовремено, организаторите најавуваат зачеток на изградба на еден нов музички мост помеѓу Португалија, Македонија, Бразил и лусофонијата на Африка, кој ќе биде претставен со концерт создаден како експеримент од музичкиот амалгам: македонскиот, португалскиот, бразилскиот и кабовердијанскиот звук.  По концертот ќе следува ди-џеј сесија со звуците на лусофонската Африка.

Изложбата ќе се состои од делата на: Јана Куновска, Владимир Кнежевич-Путец, Ѓорѓе Јовановиќ, Владимир Лукаш, Ненад Тонкин, Ване Костуранов, Милан Андов, Атанас Ботев, Доротеј Нешковски, Јана Јакимовска, Маја Џеповска, Матеј Богдановски, Иван Ивановски, Јана Манева Чупоска и перформансот на нашиот Мирослав Стојановиќ-Шуки во изведба на Сара Климовска и Мирослав Стојановиќ-Шуки.

Во музичкиот дел ќе има спој од македонските музичари Мухамед Ибрахими (гитара), Кирил Туфекчиевски (контра бас) и Александар Петров (тапани и перкусија), Португалецот Диого Пикао (саксофон сопран) кој го носи мелосот на бразилскиот и кабовердијанскиот ритам и шпанецот Олмо Марин (гитара) кој воедно е виртуоз за бразилскиот ритам и звук. По нивниот концерт ќе следува забавата со Ди Џеј Џони (Johnny Cooltrain) од Ангола/Португалија кој ќе има сесија со африканска музика.

Настанот „Еволуција на еден сон“ е поддржан од Министерството за Култура и Градот Скопје, а организаторите посочуваат дека реализацијата на ова второ издание, претставува зачеток на едно движење кое се залага за промоција и развој на македонската култура и уметност во меѓународни рамки.

Повеќе информации за настанот може да најдете ОВДЕ.