ЕУ постигна договор за радикални реформи на миграцијата и законите за азил

Европската Унија постигна договор со кои треба да се направат радикални реформи на политиките за миграција и законите за азил кој вклучува казни од 20.000 евра по глава на жител за државите членки кои одбиваат да прифатат бегалци.

По речиси 12 часа интензивни преговори во Луксембург, министрите за внатрешни работи во четвртокот се договорија на нов пристап кој беше опишан како „историски“.

„Не верував дека ќе стојам тука и дека ќе го кажам ова… но усвоивме генерални пристапи за азил и менаџирањето на миграцијата“, изјави Мариа Малмер Штенергард, која беше дел од шведскиот преговарачки тим.

Според компромисниот договор, секоја земја членка, наместо ЕУ како целина, ќе утврдува кои земји се „безбедни“ за мигрантите да можат да се вратат во нив и да им биде одбиено барањето за азил. Ова дава на секоја земја одредена флексибилност околу тоа дали ќе можат да ги одбијат мигрантите кои доаѓаат од земји за кои секоја земја членка не се согласува дека се безбедни територии.

Новиот систем истовремено ќе овозможува редистрибуција на мигрантите низ ЕУ, со ефективни квоти за тоа колку луѓе државите кои се први на миграциските рути ќе мораат да процесираат пред да бараат помош.

Бугарија, Литванија, Малта и Словачка беа воздржани на гласањето, додека Унгарија и Полска порачаа дека нема да ги поддржат овие промени.

Германија, Ирска, Луксембург и Португалија велат дека ќе продолжат со кампања за промени во целото законодавство со кои децата и малолетниците без придружба ќе бидат исклучени од овие нови правила.