ЕУ го истражува X (Твитер) за можни прекршувања на Законот за социјални мрежи

Европската Унија (ЕУ) истражува дали социјалната мрежа Х (претходно Твитер) ги прекршила новите строги правила за социјалните медиуми во првата ваква истрага откако стапија на сила правилата осмислени да ја направат содржината на интернет помалку токсична, пренесува Радио Слободна Европа.

Истрагата ќе испита дали X, во сопственост на Илон Маск, не направил доволно за да го сузбие ширењето на нелегална содржина и дали мерките за борба против „манипулацијата со информации“ биле ефикасни.

ЕУ, исто така, ќе испита дали X бил доволно транспарентен за истражувачите и ќе ги истражи сомнежите дали корисничкиот интерфејс има „лажлив дизајн“.

„Секое прекршување на нашите правила го сфаќаме многу сериозно. А доказите што моментално ги имаме се доволни за официјално да покренеме постапка против Х“, рече потпретседателката на Европската комисија, Маргрет Вестагер.

Според неодамна усвоениот Закон за дигитални услуги, платформите со повеќе од 45 милиони активни корисници подлежат на далекусежни правила за модерирање на содржината.

Тоа се однесува на главните социјални мрежи, вклучувајќи ги X, Фејсбук и ТикТок. Прекршувањето на законот може да резултира со парични казни.

„Комисијата сега ќе ги истражи системите и политиките на Х во врска со одредени сомнителни прекршувања на законот. Тоа не го прејудицира исходот од истрагата“, рече портпаролот на Европската комисија на брифинг со новинарите во Брисел.

Од X соопштија дека остануваат „посветени на почитување на Законот за дигитални услуги и соработка во регулаторниот процес“.

„Важно е овој процес да остане без политичко влијание и да го следи законот. X е фокусиран на создавање безбедна и инклузивна средина за сите корисници на нашата платформа, истовремено заштитувајќи ја слободата на изразување, и ние ќе продолжиме неуморно да работиме кон таа цел“, наведоа од X.