Ердоган им се закани на медиумите ако објавуваат „штетни содржини“

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган им се закани на турските медиуми со одмазда ако објавуваат содржини со кои се „нарушуваат основните вредности на земјата“, потег кој би можел да ја зајакне цензурата во тој сектор.

Во известувањето објавено во службен весник, Ердоган наведува дека тие мерки се потребни за да се заштити турската „национална култура“ и да се спречи „штетното влијание на развојот на децата како резултат на изложеноста на штетни содржини на сите пишани, вербални и визуелни медиуми“.

Ердоган не прецизираше што би била штетна содржина, но наведе дека ќе ги преземе сите правни мерки против „отворените или прикриени активности преку медиумите со цел поткопување на нашите национални и морални вредности и нарушувањето на нашата семејна и општествена структура“.

Ердоган е на власт речиси 20 години и често ги критикува медиумските содржини кои не се во согласност со конзервативните исламски вредности кои ги застапува неговата партија АКП.

Турција во изминатите години го јакне надзорот над медиумите, околу 90 отсто од најголемите медиуми сега се во државна сопственост или во сопственост на лица блиски до власта.

Неговите западни сојузници и критичари тврдат дека Ердоган го искористи неуспешниот обид за државен удар во 2016 за да ги задуши неистомислениците и да ги згази социјалните права и толеранцијата.

Владата го негира тоа и објаснува дека мерките се потребни поради сериозноста на заканите со кои Турција се соочува и дека е вратена слободата на вероисповедта во некогаш секуларната република.