„Епл“ треба да ги скенира „Ајфоните“ за фотографии од злоупотреба на деца, вели експерт

„Епл“ треба да внимава на предупредувањата од службите за безбедност на Обединетото Кралство (ОК) и повторно да ги стави на маса плановите за скенирање на фотографии од злоупотреба на деца што може да се најдат на уредите кај корисниците на нивните производи, апелира професорот Хени Фарид, основач на технологијата за скенирање.

Фарид кој е експерт за анализирање на фотографии и професор на Универзитетот во Калифорнија е основач на техниката „ФотоДНК“ што компаниите ја користат за да идентификуваат и отстранат нелегални фотографии што се на интернет.

„Противењето на овој предлог на ‘Епл’ беше од релативно мал број на групи за заштита на лични податоци. Тврдам дека голем број на луѓе би се согласиле дека ова е сосем разумно, а сепак толку мал број успеаја да извршат притисок на ‘Епл’ и мислам дека на некој начин компанијата подлегна на тоа“, вели експертот Фарид за Гардијан.

„Епл“ првпат ги објави своите планови за „скенирање од страна на корисникот“ во август минатата година, заедно со други предлози за заштита на децата што оттогаш се вметнати во „Ајфоните“. Компанијата имаше намера да ги ажурира софтверите со функцијата што ќе овозможи да се поврзат фотографиите на кои е видлива злоупотреба на деца во галеријата на корисникот со оние што на властите им се познати и што се достапни на интернет, а потоа тие корисници да се посочат на агенциите за заштита на деца.

„Мислам дека требаше да застанат цврсто кон својот предлог и да речат ‘Ова е правилното да се направи и ние ќе го направиме’. Цврсто го поддржувам ова и тоа не само за ‘Епл’, туку сметам дека истото треба да го направат и ‘Снап’ и ‘Гугл’ и сите други онлајн услуги“, посочува Фарид.