„Епл“ и „Гугл“ со апликација ќе откриваат дали сте изложени на коронавирусот

Компаниите „Епл“ и „Гугл“ соопштија дека работат на апликација за паметни телефони за автоматско известување на корисниците ако се изложени на новиот коронавирус.

Софтверот преку Bluetooth, треба да утврди кога некој што ја инсталирал апликацијата бил во близина на друг корисник на апликацијата, кој подоцна се покажал позитивно тестиран на коронавирусот.

Компаниите соопштија дека 22 земји и неколку американски држави веќе планираат да развијат апликација за мобилни телефони со помош на нивниот софтвер.

Досега, бројни држави меѓу кои и Северна Македонија, лансираа свои апликации за борба против коронавирусот користејќи слична технологија.

Дел од нив користат GPS за следење на локацијата на луѓето, што е забрането во новата алатка на „Епл“ и „Гугл“ поради приватноста и сомнежите за точноста на добиените податоци.

Компаниите соопштија дека не се обидуваат да го заменат следењето на контакти, што е основа за следење на инфекцијата, а во кое учествуваат обучени јавни здравствени работници кои им се обраќаат на луѓето кои можеби биле изложени на заразено лице. Но, тие рекоа дека нивниот автоматски систем за „известување за изложеност“ може да го подобри тој процес и да го намали ширењето на „Ковид-19“ од страна на вирусни носачи кои комуницираат со странци и сè уште не покажуваат симптоми.

Идентитетот на корисниците на апликации ќе биде заштитен, уверуваат компаниите. Софтверот ќе може да го преземаат корисници на „Андроид“ и „Ајфон“, чии модели се објавени од септември 2015 година.

„СтопКорона!“ отвори стари рани во довербата кон технологијата