Изминатиов период екипа студенти и млади ентузијасти работат на нов фанзин „Ефимин“ кој опфаќа тековни прашања поврзани со култура и уметност.
Младите во четврток (утре, 8 мај) прават прва официјална промоција на вториот број односно третото издание.
Најавени се низа активности во „Лабораториум“ што ќе започнат во 17:30 часот со џемање – загревање со тимот на фанзинот.
Потоа, меѓу другото, ќе има мини панел за историјата на фанзинот во Македонија, нов џем, поетска и колаж работилница… за на крај да се случи „голема преселба“ во „Буква“, каде е најавено афтер парти.
View this post on Instagram
Според првичниот манифест на фанзинот, „Ефимин“ не е само креативен израз – тој е платформа, поттик и визија за оние што го перцепираат светот на поинакво, подлабоко ниво.
„Овде, зборовите носат тежина, мислите се развиваат во повеќеслојни значења, поврзувајќи идеи и создавајќи нови перспективи зад секој редок и промислен израз“.
Како продукт на младинското здружение „Псалтер“, нивната цел е ги истражат најкомплексните аспекти на животот – од филозофијата и историјата, до уметноста и музиката – но не за да понудат едноставни одговори, туку за да инспирираат размислување кое продира под површината.
„Секој текст, секоја рецензија, поезија, или критика е вешто изработена да поттикне дијалог, да наговести, да алудира на вистини што не се секогаш очигледни. Ние не сме само набљудувачи – ние сме активни учесници во креирањето на културниот дискурс. Наша должност е да ја разбудиме интелектуалната и креативната свест кај младите, да им понудиме перспективи и длабочина во размислувањето. Преку нашите страници, ќе го откриете комплексното поврзување на мисли, прашања и одговори што сами си го наметнуваме како предизвик“, стоеше во првиот број на „Ефимин Фанзин“.
View this post on Instagram
Од здружението веќе посочија дека одлучиле да дејствуваат во областа на издаваштвото, па така се формирал и тимот на уредници составен од десетина младинци (претежно студенти) од повеќе градови низ државата и на различни факултети (дома и во странство).
„Едноставно согледавме дека на нашата младина ѝ фали допир со печатен материјал од овој вид и земајќи си волонтерска обврска, ја крстивме ‘ефимин’ што на старогрчки значи ‘од нас зависи’“, рекоа од „Псалтер“, дополнувајќи дека тематиката е разнолика и ги опфаќа сите сфери од културниот живот на младиот човек како филозофија, сликарство, музика, филм, историја итн.
Бојан Шашевски