Енергетска заедница: Нема економска логика за инвестирање во капацитети на јаглен

Македонија мора да го реформира својот енергетски сектор според законите на Европската Унија, велат од Европската енергетската заедница за Радио МОФ. Како членка во заедницата, државата мора да ја подобри енергетската ефикасност, да го зголеми учеството на енергија од обновливи извори и да ги намали емисиите од големите согорувачки постројки.

„По пролонгиран период на ќор-сокак, на Северна Македонија сега и оди добро во смисла на реформирање на своите енергетски сектори, иако нејзината национална политика за развој на ниско ниво на јаглерод сè уште е во рана фаза. Доколку Северна Македонија не ги почитува своите обврски од Договорот за енергетска заедница, Секретаријатот има можност да иницира постапки за решавање спорови. Сепак, во моментов нема такви случаи“, велат од Енергетската заедница.

Хронично загадени со јаглен

Согласно со своите обврски од Енергетската заедница, од државата се очекува значително да ги намали емисиите од електраните на фосилни горива, на ист начин како што се случува во ЕУ. Во Македонија, меѓу најголемите загадувачи од индустријата се токму електраните на јаглен – РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј.

„Северна Македонија избра да се придржува кон Директивата за големи постројки за согорување со усвојување и спроведување на Националниот план за намалување на емисиите (NERP). Според Планот усвоен во 2017 година, во кој спаѓа и РЕК Битола, секоја фабрика, помеѓу 2018 и 2027 година, ќе треба да се усогласи со постепено намалување на годишните граници за сулфур диоксид, азотни оксиди и емисии на прашина. Од 1 јануари 2028 година, сите постоечки постројки треба да ги исполнуваат (построгите) барања од Директивата за индустриски емисии. Новите постројки веќе треба да ги исполнуваат овие построги барања, кои доаѓаат по цена на намалување на емисиите. Имајќи го постојаното намалувањето на цените на обновливите извори на енергија, не постои економска логика за инвестирање во уште поголеми јагленски капацитети“, децидно велат од Енергетската заедница.

Оттаму забележуваат дека земјата има значителен неискористен потенцијал за енергија од обновливи извори, особено ветер, сонце и одржлива биомаса.

„Во рамките на Енергетската заедница, земјата се заложи за постигнување на целта од 23% за ОИЕ (обновливи извори на енергија) во 2020 година, почнувајќи од уделот на ОИЕ од 17,2% во 2009 година. Од 2009 година, во земјата се случија неколку инвестициски проекти за обновлива енергија. До крајот на 2017 година, Северна Македонија достигна вкупно 753 MW во капацитетите за чиста енергија. Во последните години беа додадени 37 MW во ветер, 17 во соларни PV и 7 MW во биогасот, покрај 585 MW во големи хидроелектрани и 107 MW во мали хидроелектрани. Преминот кон аукции за обновлива енергија ќе и овозможи на земјата да ги достигне целите за обновлива енергија на најекономичен начин“, сметаат од Енергетската заедница.

Според Парискиот договор за климатски промени, државата постави амбициозно сценарио дека ќе ги намали емисиите на стакленички гасови за 36% до 2030 година. Македонските власти ја поддржаa Коалицијата за високи амбиции на Конференцијата за климатски промени во Катовице (COP24), потпишувајќи ја „Изјавата за засилување на климатските амбиции”. Овој документ ги спојува развиените земји и земјите во развој во меѓународните разговори за климата.

„Поради широката употреба на фосилни горива и особено доминантниот удел на домашниот лигнит за производство на електрична енергија, во земјата има значителен потенцијал за политики и мерки кои доведуваат до намалување на емисиите на стакленички гасови во енергетскиот сектор. Северна Македонија во моментов го подготвува својот Национален план за енергија и клима, кој ќе и овозможи на земјата за првпат да ги постави своите климатски и енергетски цели, политики и мерки на интегриран начин. Северна Македонија мора да осигура дека нејзината Стратегија за енергетика и долгорочната стратегија за климата, во моментов изготвени, се конзистентни во однос на нивните цели и ги разгледуваат сите пет димензии на Енергетската унија – енергетска безбедност; внатрешниот енергетски пазар; енергетска ефикасност; декарбонизација на економијата; и истражувања, иновации и конкурентност“, се вели во одговорот на Енергетската заедница за Радио МОФ.