Експерти дебатираа за поголема застапеност на заштитата на животната средина во високото образование

Независниот академски синдикат (НАкС) се вклучи во обележувањето на Светскиот ден на животната средина, 5 јуни, со организација на научно-стручна дебата на тема „Заштита на животна средина, климатски промени, одржлив развој и високото образование во Република Северна Македонија“, којашто се одржа во Европската куќа во Скопје. На дебатата учествуваа професори, студенти, експерти, претставници од Министерство за образование и наука, биро за развој на образование, невладин сектор, инспекциски органи и активисти.

Во уводното обраќање, академик професор д-р Владимир Камбовски се осврна на слабостите во системот на образование и потребата за трансформација на образованието во однос на заштитата на животната средина и природата. Тој потенцираше дека овие теми, почнувајќи од основното образование, сѐ до високото образование, се на маргините. Осврнувајќи се на Глобалните цели на Обединетите нации, академик Камбовски напомена дека истите треба да се вградат во нашите стратешки документи. При тоа, беше нагласена и потребата за промена од антропоцентричен пристап, кон екоцентричен пристап, имајќи ги предвид и правата на животните и неживата природа.

Осврнувајќи се на меѓународните декларации и конвенции, академик Камбовски го изнесе фактот дека во 2010 година во Боливија, на пример, е донесен Закон за правата на мајката Земја, и дека овој тренд го следат и други земји, со цел реализирање на процес на конституционализација на правата на природата.

Исто така, тој препорача дека кога се говори за правата се споменуваат и обврските, но никој не ја споменува должноста за заштита на животната средина и природата. Со цел ефикасен правосуден систем, академик Камбовски повика судовите да се охрабрат да прифатат пријави од поединци за заштита на животната средина и природа.

Фото: НАкС

Професорката Мимоза Ристова од Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) имаше свое обраќање за „Зелени чекори низ образовниот систем до зелени и циркуларни економии“. Професорката се осврна на примената на науката во заштитата на животната средина, преку усовршување на технологијата, примена на процесите на рециклирање, намалување на користењето на загадувачки материи, како пластиката. Таа потенцираше дека треба да имаме циркуларна економија, со која ќе се минимизира отпадот. Професорката Ристова се задржа и на аспектот на образованието, промовирањето на одржливиот развој, потребата за реформа во високото образование, но и на сите други воспитно-образовни нивоа.

За заштитата на животна средина, климатски промени, одржлив развој и високото образование во Република Северна Македонија на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) – Битола и Факултетот за безбедност во Скопје, свое видување даде проф. д-р Марина Малиш Саздовска. Професорката Малиш Саздовска презентираше детална анализа на студиските програми на сите три циклуси на студии, додипломски, магистерски и докторски студии на УКЛО. При тоа, од вкупно 11 единици на Универзитетот, на трет циклус студии има само две студиски програми кои се целосно насочени кон заштита на животната средина, и истите треба да се зголемат во наредниот период. Беше предложено и развивање на мрежа на докторанди и организирање на годишни конференции за споделување на искуства и добри практики. Но, ова нема да може да се реализира доколку високообразовните институции во земјата немаат можност за вработување на нови кадри.

За еколошката безбедност говореше професор д-р Тони Милески од Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет на УКИМ, кој даде свое видување на актуелните состојби во образованието на кадри од областа на безбедноста и одбраната, директно поврзани со темите за заштита на животна средина, одржлив развој и сл. Тој се осврна на Рио декларацијата, заложбите на Брутландската комисија, актуелните геостратешки случувања во областа на безбедноста и сл. Професор Милески изнесе и предлози за одредени измени во сферата на образованието, а се заложи и за креирање на универзитетски еко кампус со цел имплементирање на заложбите за едукација на кадрите во современи услови.

М-р Фросина Антоновска, како Офицер за климатски и енергетски политики за Западен Балкан, CAN EUROPE, се осврна на Климатските политики и обврски на ЕУ и регионално ниво, наспроти националните капацитети и заложби. Таа подетално се задржа на примена на начелото на претпазливост, како и на политиките за заштита на животна средина, клима и одржлив развој. М-р Антоновска ја презентираше глобалната агенда и глобалниот одговор во областа на климатските промени. Натаму Антоновска ги објасни и прописите за животна средина, Поглавјето 27, Европскиот зелен договор, а акцент стави на мерките кои Република Северна Македонија треба да ги преземе во наредниот период.

За Еразмус мобилноста и темата за климатски промени, свое обраќање имаше и дипломираниот студент на Факултетот за безбедност Скопје, Христина Митаноска, која зборуваше за нејзиното искуство за студирање на Билкент Универзитетот во Турција. Таа го презентираше современиот начин на едукација на овие теми во Турција, како и организацијата на студентскиот живот согласно принципите на самоодржливост на универзитетскиот кампус. Особено внимание предизвика претставувањето на современиот начин на предавање и оценување на темите од областа на климатските промени.