Економскиот факултет при УКИМ со најголем број дипломирани студенти во 2021

Во 2021 година во Северна Македонија дипломирале вкупно 7.753 студенти на додипломски студии на високите стручни школи и на факултетите, што претставува зголемување за 12,2% во споредба со 2020 година, соопштија од Државниот завод за статистика.

Од вкупниот број дипломирани студенти, 84,2% се редовни, а 15,8% се вонредни студенти. 58,8% се дипломирани студентки, додека од вкупниот број студенти, 28% дипломирале во рокот, додека 72% дипломирале по рокот.

Статистичките податоци покажуваат дека од државните универзитети најголем број дипломирани студенти забележал Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје – 2.656. Зад него се Универзитетот во Тетово, каде дипломирале 1.326 студенти и Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, на кој дипломирале 895 студенти.

Од приватните универзитети, најголем број на дипломирани студенти имало на Универзитетот на југоисточна Европа во Тетово, вкупно 433, по што следуваат Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје со 325 дипломирани студенти и Меѓународниот славјански Универзитет „Г. Р. Державин“ – Свети Николе, каде дипломирале 283 студенти.

Од факултетите, најголем број на дипломирани студенти забележал Економскиот факултет при УКИМ – 455, а во првите три се уште и Факултетот за медицински науки при Универзитетот во Тетово со 350 дипломирани студенти и Факултетот за медицински науки при УГД, со 297 дипломирани студенти.

Целосните податоци се достапни на следниов ЛИНК.