Еколозите прогласија победа за природата, Вјоса во Албанија прогласена за национален парк

Целата река Вјоса во Албанија од границата со Грција до Јадранското Море и сите нејзини притоки, речен систем кој има повеќе од 400 километри должина, е прогласена за национален парк, соопштија од Македонското еколошко друштво (МЕД).

„Голема победа за природата! Им честитаме на колеги од ЕутоНатур, Ривервоч, ЕкоАлбанија, и Медитеранскот институт за природа и антропос, кои се дел од неверојатниот успех и историски подвиг“, велат од МЕД.

Ова е единствен ваков пример за Европа.

„Оваа победа доаѓа по 10 години непрекината борба и ќе продолжи со борбата да се заштитат сите слободнотечечки притоки и делтата на Вјоса“, изјави Анет Шпангенберг од ЕуроНатур.

Фото: ЕуроНатур

„Прогласувањето на национален парк за река не е важен чекор само за Албанија, туку и за зачувувањето на реките на цела Европа. За прв пат се потврдува конзервацискиот концепт дека реките треба да се зачувуваат во целост“, изјави Улирх Ајхелман од Ривервоч.

Инаку, Реката Вјоса е една од последните слободнотечечки, без градежни зафати реки во Европа. Таа извира од планините во Грција, каде се вика Аоос, а тече низ Албанија до Јадранското Море. Заедно со нејзините притоки Вјоса формира екосистем со значаен биолошки диверзитет кој е од национално и глобално значење.